По изградбата на сите овие споменици верувам дека ќе дојде ред и за неколку базени

На нашата позната пливачка ѕвезда Теодора Раптис и пречат многу работи во градот, но и покрај се, таа го сака својот град за кој посакува да добие поголема грижа…

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Најпрво ми доаѓа мирисот на Липите во Јуни и топлото скопско лето кои одат едно со друго. Сега некако и не можам да видам дрвореди со липи на кои се сеќавам како дете. Ние имавме навика со сестра ми и татко ми да одиме до Спортско рекреативниот центар Сарај со велосипеди. И по патот до таму возевме во сенките на липите. Самото езеро Треска кое сега е запуштено, тогаш беше место за поминување на викендот на скопјани. Лизгалиштето на Кале,

о Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– И двете си имаат предности и мани. Старото Скопје беше помирно, поспокојно, денешното е веќе велеград во кој шпицот не се знае кога е. Во старото Скопје ги сакав кината и продавачите на пуканки пред нив, а зимно време продавачите на костени. Сега го имаме Синеплекс каде има најнова технологија и имаме целосно визуелно доживување. Но, на крај кога ќе соберам и двете ми се допаѓаат.

о Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?
– Па има работи кои мора да се средат и кои како градски татковци треба да понесат најголема одговорност. И тие самите ги имаат истите проблеми како и нас другите. Пред се мислам на актуелните проблеми со загадувањето и прекумерната изградба на згради. Намалување на зелениот фонд во градот, зголемување на бројот на кучиња скитници. Пребрзо возење по градските улици. Сите овие работи се под надлежност на Градските татковци, и мора да превземат некои мерки со кои ќе се решат

о Дали Вие доволно му дадовте на градот?
– Па како спортист не знам дали можев да му дадам на Скопје било што, нормално покрај промовирање на нашата земја на сите тие големи спортски натпревари јас го опишував Скопје како град кој има најубав ноќен живот, најубава храна,… Сега кога веќе работам како стоматолог можам да кажам дека му давам на Скопје со водење на оралната грижа на скопјани и како пливачки тренер со обука на непливачи.

о Преголемо ли е Скопје, треба ли да расте или да се намали?
– Па не можам да кажам дали е големо и дали треба да се намали, нормално е да расте зашто сите гравитираат кон него со самото тоа што е главен град. Но, сепак, ако има зголемување на бројот на жители треба да се створат и услови за тие жители, не можеме да живееме во град кој се гуши во смог и не се превзема ништо во врска со тоа или ѓубрето на тревниците да смета во играта на децата. Бројот на деца во градинки се зголемува со зголемување на бројот на згради во Скопје, а не се градат нови градинки.

о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасува Водно, такво како што беше. Убава е жичницата, но е некако недовршена, треба да размислат да ја поврзат со долниот дел на Водно. Во ред е одлуката да не се пропуштаат возила до Средно Водно, но таа одлука не се почитува а сторителите не се казнуваат. Автобусите на ЈСП што возат до Средно Водно не го запазуваат редот на возење… Ми недостасуваат кината во Скопје. Ми недостасува Кејот на Вардар кој веќе години наназад е узурпиран. Недостасуваат уште неколку базени за кои верувам дека ќе се најде начин да се изградат, после сите овие споменици верувам дека ќе дојде ред и на базени.
Не сакам да одземам ништо, без разлика на тоа колку некои работи не ми се допаѓаат сепак се дел од Скопје кое го сакам.

о Во какво Скопје сакате да живеете?
– Сакам да живеам во космополитско Скопје, каде што се почитуваат вредностите кои со текот на годините се погазени. Сепак, Скопје веќе еднаш се има издигнато од пепелта како Феникс така што верувам дека Скопје и скопјани се навикнати на надминување на тешки времиња и уште еднаш ќе ги надминат.