По реакциите во јавноста директорот Настов дообјаснува: Патеката околу лавиринтот ќе биде со тартан

Патеката околу лавиринтот се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал, објасни денеска директорот на ЈП „Улици и патишта“ Скопје, Борис Настов. Во изјава за медиумите, по бурните реакции во јавноста околу асфалтирањето на патеката околу лавиринтот во првиот дел од Градскиот парк тој ги објасни активностите во врска со реконструкцијата на патеките.

-Вчера почнавме со реконструкција на патеките во делот кај лавиринтот, непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкција дури не се заврши целосно реконструкцијата. Патеката околу лавиринтот се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал, останатите патеки кои се со оштетен асфалт само се реконструираат со нова асфалтна маса и онаму каде што ќе биде потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните. Патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој ризла, затоа апелирам до граѓаните за трпение при изведба на работите дури да се дојде до крајниот резултат и сигурен сум дека ова ќе биде најпријатното катче од Градскиот парк и за најмладите генерации, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел. Во Градски парк се адаптира теренот со тартан и ризла за пристапност на сите граѓани, изјави Настов.

Во соопштението до медиумите се наведува дека работните активности за реконструкција на патеките во паркот продолжуваат со ист интезитет, моментално се работи на обнова на ризлата на првиот дел од паркот.

Но, прашањето е дали и поставувањето на тартан материјалот ќе биде најдобра опција за патеката околу лавиринтот со оглед на фактот дека таков или сличен материјал никогаш до сега не е ставан во овој дел од паркот.

Инаку, денеска Здружението на лица со телесен инвалидитет „Мобилност“ пред Градскиот парк одржаа прес-конференција на која кажаа дека тие при средба со градоначалничката Данела Арсовска побарале ред работи со кои ќе им се олесни пристапот низ градот. Меѓудругото, побарале и изведба на патеки во Градскиот парк за да може да имаат пристап до инклузивното детско игралиште.

-По ризлата ние со колички и лицата со штаки не можеме да се движиме затоа побаравме да има алфалтирани патеки, за да може и ние како и останатите граѓани да имаме пристап, рече Христина Проскоска од здружението „Мобилност“.

Претходна вестМицкоски: После подолго време за прв пат сме на иста бранова должина со Пендаровски, очекувам да ги повика партитие на рефрендум
Следна вестСе потешки последици од Ковид-19: Петмина починати и 884 новозаболени