Општата болница Куманово остана без возила за транспорт и итна помош, откако синоќа во сообраќајка во Скопје, при транспорт на пациент од Куманово, во сообрќајка се преврте едно од возилата. Другите две возила се на сервис, а за уште едно се очекува да заврши тендерската постапка и да биде набавено.
Поради ваквата ситуација, болницата ќе мора да позајмува амбулантно возило од скопската Итна помош или од друго место, бидејќи во моментов нема ниедно.
Инаку вчера како што информираше МВР во 23.20 часот било пријавено дека во Скопје на крстосницата од бул.“Климент Охридски“ и ул.“Св.Кирил и Методиј“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило “фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки управувано од Ч.Д.(57) од Скопје и возило “мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки сопственост на Итна медицинска помош управувано од В.С.(23) од Куманово.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ч.Д., а со телесни повреди се здобиле возачот на возилото од Итна медицинска помош, сопатничката од истото возило А.К.(40) и лицето кое се превезувало како пациент Ж.Ц.(72) двајцата од Куманово констатирани во Комплексот клиники “Мајка Тереза“ и Градската општа болница “Св.Наум Охридски“.


