По тригодишна употреба новите контејнери стасаа за поправки

Со репарација на сите оштетени садови наменети за одлагање комунален отпад, со зафатнина од 3,2 кубни метри, коишто се поставени на територијата на градот Скопје, започна ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје. Воедно, екипите на претпријатието вршат и замена на неупотребливите контејнери со нови садови.

-Во текот на денешниот ден отпочнавме со санирање на оштетувањата на пластичните контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри. Најчесто станува збор за репарација на рачните и ножните механизми за отворање на садовите, како и промена на оштетените капаци. Онаму каде што постојат големи оштетувања, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе постават сосема нови садови, со цел максимално да се запази динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад во градот Скопје, изјави в.д.директорката на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

Во рамките на овие активности ќе бидат опфатени сите оштетени пластични контејнери со зафатнина од 3,2 кубни метри, лоцирани на јавни површини во скопските општини Центар, Аеродром, Чаир, Кисела Вода, Карпош, Гази Баба и Ѓорче Петров.

Во 2019 година Градот Скопје за 1,5 милион евра набави нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри, 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри, 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакумско чистење и десет електрични возила за чистење и миење на јавни површини.

Претходна вестВладата ја поништи одлуката за прием на Онишченко во државјанство
Следна вестСреќа во несреќа, преживеал сообраќајка со „ферари“ при брзина од 300 км/ч