Побарајте ги отворените кабли, казнете ги неодговорните

Отворени електрични кабли, жици, инсталации – сандачиња… се се ова работи кои често можат да се сретнат на скопските улици. Голем дел од нив претставуваат опасност, посебно за децата. Мисли некој тоа да го поправи?

Скопјани негодуваат, апелираат, посочуваат… Еден од таквите примери на недоволно заштитени инсталации има и во населбата Ново Лисиче, на пешачката патека во близина на основното училиште „Александар Македонски“.

-До скоро, изолир траката на овие жици беше речиси целосно одвиткана. Пред извесно време забележав еден совесен граѓанин како повторно ја завитка. Но, ова не е трајно решение. Тука секојдневно поминуваат деца од и за во училиште, секако и многу луѓе што живеат тука. Не знам дали жиците се под напон, но секако, тие се несигурни и потенцијално опасни. За вакви инсталации треба посебна грижа. Во секој случај, не треба да бидат оставени на отворено и без заштита, ни рече скопјанката Борка Маневска, којашто ни ја испрати фотографијата.

Би било добро надлежни општински и други служби да го прочешлаат целиот градски терен. Многу несовесни лица оставаат многу потенцијални опасности. Некој треба тоа да го среди, а и неодговорните да ги казни.

 

Претходна вестПортугалскиот премиер Антонио Кошта: ЕУ не може да ги исполни очекувањата за проширување
Следна вестРоденденски концерт на оркестарот на Филхармонија