Почина Илија Аџиевски, доајенот на македонското вајарство

Денес почина доајенот на македонската ликовна уметност Илија Аџиевски на 97 годишна возраст, соопшти неговото семејство.

Илија Аџиевски е роден во Струга во 1926 година. Академија за ликовна уметност завршил во Загреб во 1954 година, во класата на професорот Франо Кршиниќ.

Бил учесник во НОБ (1942). Автор е на Споменикот на паднатите борци во Струмица (1959), Мавзолејот на паднатите борци во Кратово (1962), Споменикот на братството и револуцијата во Дебар (1989), во Неготино и др.

Имал повеќе самостојни изложби: Струга (1965), Битола (1966), Велес (1967), Скопје, (1991, 1994 и 2001) и Париз (1997). Ниш, Белград, Тузла, Загреб, Подгорица, Софија, а учествувал на над сто групни изложби. Добитник е на значајни национални и меѓународни награди.

Неговите скулптури имаат реалистички и експресионистички обележја. Посебно значајни се скулптурите-портрети на неговите современици Петре М. Андреевски, Георги Божиков, Борко Лазески, Тодор Николовски, Анте Поповски, Петре Прличко, Димитар Солев, Глигор Чемерски и други познати македонски современици.

Илија Аџиевски спаѓа во редот на најзначајните современи македонски вајари

Погребот е закажан за среда на 25.10.2023 година во 14.00 часот, на градските гробишта во Струга.

Претходна вестСопственикот на опасниот отпад има рок од 30 дена да го дислоцира од селото Орман
Следна вестРамчески: Мечката ме турна и ме гризна кај ребрата