Почина премрзнатиот овчар за кој институциите не најдоа превоз, ќе има ли одговорност?

Во штипската болница денеска почина 63-годишниот овчар од кратовското село Емирица кој пред неколку дена одвај бил транспортиран по петчасовно носење на раце (во носилка) од страна на екипата за итна медицинска помош која залудна барала помош од надлежните служби. Официјални лица од штипската болница за медиумите изјавија дека причините за смртта се мозочното крварење и хипертермијата.

-Тој беше во коматозна состојба со мозочно крварење. Не беше можно да се изврши хируршка интервенција. Беше стабилен неколку дена, но утринава починал од последиците на повредите што ги имал, изјавија во болницата.

Случајот со овој овчар во јавноста излезе откако лекарот Павле Зафиров, кој беше во екипата на итна медицинска помош, обзнани дека залудно се обидувале да добијат помош да го транспортираат од далечното планинско село до најблиска болница. Претходно, овчарот цела ноќ лежел во снегот по добиенот мозочен удар, а негова 90-годишна мајка неколку часа го греела и одржувала во живот. Доктор Зафиров наведе дека се јавивале во Центар за управување со кризи, полиција, пожарна, кај кратовскиот градоначалник… но никој не им испратил помош. Поради ова, тие морале пет часа да го носат по стрмиот планински терен на носила по што го донеле во болницата во Пробиштип од каде потоа бил префрлен во Штип.

И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Барам одговорност за овој случај и очекувам конечно да почнат да се почитуваат некои правила, напиша докторот.

Од Центарот за управување со кризи денеска соопштија дека почнала со работа нивната Комисија која треба да утврди дали биле испочитувани процедурите во случајот. Директорот Стојанче Ангелов завчера изјави дека во целиот систем на излекување на лица од тешко пристапни терени има слабости и дел од нив веќе ги детектирале.

– Ќе утврдат каде точно се пропустите и слабостите, за тие да бидат надминати во иднина. Не сакаме и нема да дозволиме во иднина, никогаш наш сограѓанин да се најде во ваква ситуација, рече Ангелов на прес-конференција.

Дали така и ќе биде останува да се види. Но, требаше ли да се случи ваква трагедија за да се констатира дека постојат пропусти и слабости во вакви ситуации кои се чести во недостапните села во Македонија?

Овој пат мора да има одговорност. Се надеваме дека на неа ќе инсистира и Претседателот Пандаровски кој беше многу разочаран од случајот.

Претходна вестПретставник на ЕМА потврди поврзаност на „Астра зенека“ и тромбозата
Следна вестВо Карпош 1 и 2 наскоро зонско паркирање, ќе чини 30 денари