Починаа тројца пациенти од вирусот, новозаразени се 25 лица-повеќето во Скопје

Нови 25 заразени лица од корона вирусот и тројца починати пациенти имало во изминатово деноноќие, соопшти Министерството за здравство. Во информацијата се наведува дека во последните 24 часа направени се 622 тестирања, а регистрирани се 25 нови случаи на ковид-19 од кои во Скопје 14,Куманово 2, Штип 4, Прилеп 1,Тетово 2, Струга 1 и Велес 1.

– На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациент од Струга (58г) и пациент од Скопје (47 година) и двајцата долго време поставени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Тетово (41 година) хоспитализиран на 19 мај, се наведува во информацијата.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и 17 оздравени пациенти: Скопје 11, Куманово 4, Тетово 1 и Велес 1

Досега во Македонија се направени вкупно 26.463 тестирања на Ковид-19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 251 тест е во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје во Кочани, Куманово и Скопје, а регистриран е еден позитивен случај во геронтолошка установа во Скопје. Досега преку скрининг направени се 2680 тестирања на ковид-19, а регистрирани се вкупно три позитивни случаи на вирусот.

-Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2039, бројката на оздравени пациенти е 1.470, на починати е 119, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 450, се наведува во соопштението.

Претходна вестМуфтиите го разрешија реисот Реџепи
Следна вестОд утре се отвораат терасите на угостителските објекти, ќе работат до 20 часот