Почна гласањето: Гласаат затворениците, заразените со ковид, старите и изнемоштени лица

Гласањето за локалните избори почнува денеска, а правото на глас го остваруваат болните, немоќните, затворениците, лицата во притвор, во домовите за стари лица, внатрешно раселените и лицата со ковид -19.

Оние кои се заразени со ковид 19 и се пријавиле дека сакаат да го остварат своето право на глас, денеска ќе бидат посетени од посебен избирачки одбор, кој ќе биде во придружба на здравствени работници. Пријавени се 476 лица со ковид. Слично како и за време на гласањето за парламентарните избори, со специјална опрема и скафандери, додека онаму каде што има можности ќе се изведува и во дворовите на куќите.

Дека сакаат да гласаат се пријавиле 7921 болни и изнемоштени лица.

Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, до 13 октомври имаа рок преку овластен полномошник да ја известат Општинската изборна комисија.

Денеска исто така имаат можност да гласаат и оние кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. За нив е дозволено денеска да пријават до одговорното лице каде што се згрижени дека сакаат да гласаат, па тоа ќе ја извести надлежната Општинска изборна комисија на територијата каде што се наоѓа установата за да може екипа да дојде и да го спроведе гласањето.

Утре е главниот изборен ден, кога над 1,8 милиони граѓани со право на глас ќе можат преку тајно гласање да изберат локална самоуправа.

Претходна вестПредизборно ограбена пошта во Миладиновци
Следна вестСкопски Градски фестивал денеска во Дом на АРМ