Започна првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата „Даме Груев“ зад македонското Собрание во Скопје при што е воведен времен режим на сообраќајот, информира денеска ЈП „Улици и Патишта“.
По налог на Град Скопје денеска започна машинско гребење на оштетениот асфалт на потегот од раскрсница со ул. „Македонија“ до ул. “11-ти Октомври“. Поради изведба на градежните активности десната страна на коловозот е затворена за сообраќај и обележана со соодветна сигнализација. На левата страна од коловозната површина сообраќајот се одвива во нормален тек.
Од ова градско претпријатие информираат дека утре 25.11.2022година од 8.30 часот до 16.00 часот поради извршување на градежни активности за реконструкција на улицата Тодор Александров на потегот од ИЗИИС до последна автобуска постојка број 3 ќе биде воведен времен сообраќаен режим.
-Екипите на ЈП „Улици и патишта“ Скопје ќе го асфалтираат овој потег со втор слој асфалтна маса ЕСМ и поради асфалтирањето целиот овој потег ќе биде затворен за сообраќај и обележан со соодветна сигнализација и истиот ќе важи до завршување на градежните работи, се наведува во соопштението.