Со поставување на едночасовни блокади на четири прометни сообраќајници во Македонија граѓаните денеска побараа од власта категорично да го отфрли францускиот предлог за кревање на бугарското вето за македонската евроинтеграција.
Освен кај зградата на Владата во Скопје, блокади има магистралните патишта Штип-Велес, Струмица-Радовиш и Плетвар-Прилеп.
На блокадата на улиците околу Владата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки рече дека ќе дејствуваат согласно стратегија која што ќе ја усвојат.
– Ние уште еднаш ја повикуваме Владата да каже ‘не’ на ова решение. Очекуваме уште еднаш власта да го слушне гласот на народот и да не се обидува да ја префрлува топката кај пратениците во Собранието, кажа Ковачки.
На блокадата на патот Велес-Штип кај Сарамзалино Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ изрази благодарност до македонскиот народ кој на секаде на македонските патишта излезе да каже гласно „не“.
-„Не“ на францускиот предлог и „не“ на асимилацијата на македонскиот народ. Овде нема партии, нема поделеност само народ кој се бори за своите правдини. Тука сме сите заедно да кажеме „не“ и „не“, истакна Мисајловски.
Тој рече дека ова што сакаат да го направат Бугарите е директно мешање на внатрешното уредување на Македонија поради тоа што сакаат да го измениме Уставот, да ги смениме историјата и учебниците.
-Ова е една парада од Владата дека навидум има некакви консултации во Собрание и да покажат на Европа дека тоа има некаква улога. Нека престанат со лаги и манипулации и народот нека го види тој протокол што го кријат. Ниту новинарите го немаат протоколот. Ние сакаме Македонија да биде стабилна земја и развиена земја, но сакаме и никој да не не понижува, порача Мисајловски.
Утре ќе нема протести поради празникот Курбан бајрам, а за в недела е закажан протест во 19 часот пред Владата.