Почнува Петровденскиот пост

За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар денеска почнува Петровденскиот пост во чест на светите апостоли Петар и Павле и му претходи на празникот Петровден, кој секогаш се одбележува на 12 јули.

Овој пост порано го нарекувале пост на Педесетницата – се протега до првите времиња на Православната Црква. Особено се утврдил, кога во Константинопол и Рим, од светиот рамноапостолен Константин Велики биле подигнати храмови во чест на св. Првоврховни апостоли Петар и Павле. Осветувањето на константинополскиот храм било извршено на денот на споменот на апостолите (29 јуну / 12 јули н.ст), и од тогаш, тој ден почнал особено торжествено да се празнува и на Исток и на Запад. Тоа е денот на завршувањето на постот. Границата на неговиот почеток е подвижна: таа зависи од денот на празнувањето на Велигден; затоа и времетраењето на постот е варира од 6 недели до 8 дена.

Овој пост, еден од четирите повеќедневни пости во текот на годината (Велигденски, Петровденски, Богородичен, Божикен), започнува од првата недела по Духовден, а бидејќи овој празник е со непостојан датум и зависи од Велигден, така и Петровденскиот пост трае различно. Некогаш шест недели, а некогаш само една недела и еден ден.

Целта на постот е да се исчистат духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела.

Телесниот пост подразбира воздржување од храна од животинско потекло, што значи од трпезата се тргаат месото, млечните производи и јајцата. Во среда и петок јадењата се на вода, односно се подготвуваат без масло. Понеделник, вторник и четврток се со масло, а во сабота и недела дозволено е јадење риба.

Поважниот пост – духовниот, според Православната црква, подразбира одрекување од секое зло и грев, воздржување од лоши помисли, зборови и дела, покајание и безрезервна љубов кон Бога и кон луѓето.

Претходна вестСончево и топло, температура до 34 степени
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Активната блокада продолжува летово, СДСМ и ДУИ мора да паднат