Почнува Светското првенство во фудбал, Катар потроши 220 милијарди евра

Денеска почнува Светското првенство во фудбал во Катар. Најважната споредна работа во светот ќе ги натера многумина да ги вперат очите кон стадионите низ ова арапска земја каде фурбалерите од типот на Нејмар, Меси, Роналдо… ќе ги покажуваат своите вонсериски вештини.

Вештини покажува и Катар. Организацијата на Светското првенство во Катар ќе чини, според извештајот на Front Office Sport, неверојатни 220 милијарди евра, што е пет пати повеќе од последните седум турнири заедно.

Оваа тримилионска држава изгради шест целосно нови стадиони, од кои секој има ултра модерен климатизиран систем за заштита на навивачите и играчите од жештината, а само изградбата на стадионот Ал Бајт (капацитет од 60.000) чинеше три милијарди евра, три пати повеќе од стадионот „Стад де Франс“ во Париз, кој е изграден за потребите на СП во 1998 година.

Освен стадиони, Катар реализираше и големи други инфраструктурни проекти, изградба на аеродром, три подземни железници и сосема нов град – Лусаи, кој има хотели, терени за голф и луксузна марина, а овие трошоци се исклучени од проценката на вкупните трошоците за турнирот.

Сите стадиони се наоѓаат во радиус од 55 километри од главниот град Доха, а тоа беше клучниот аргумент што го презентираше катарската влада во обидот да биде домаќин на првенството, наведувајќи дека сите објекти се лесно достапни.

Именуван по бројот на рециклирани бродски контејнери користени во неговата изградба, Стадионот 974, со капацитет од 40.000 седишта, ќе биде демонтиран по Светското првенство и повторно ќе се состави за да биде домаќин на спортски настани на друго место, иако следната дестинација сè уште не е позната.

Вкупно 3,2 милиони билети се достапни за турнирот, од кои една третина ќе оди кај спонзорите и превозниците, а според бројките на ФИФА, продажбата на билети достигнала 2,89 милиони евра до 17 октомври. Земјите кои купиле најголем број се редоследно: Катар, САД, Саудиска Арабија, Велика Британија, Мексико, ОАЕ, Аргентина, Франција, Бразил и Германија.

Во средината на октомври, катарските власти соопштија дека примиле меѓу 1,5 и 1,7 милиони апликации за Hayya картички, кои вообичаено се потребни за пристап до стадионите и бесплатниот јавен превоз. Бројката е помала од трите милиони навивачи кои присуствуваа на Светското првенство во Русија.

Претходна вестПоведена истрага против жител на Слатино, пронајден кокаин и муниција
Следна вестТрамп не сака да се врати на Твитер,иако Маск му дозволи