Почнува Велигденскиот пост во чест и спомен на Христовото Воскресение

По вчерашното одбележување на празникот Прочка, православните христијански верници денеска на Чист понеделник започнуваат со шестнеделниот пост кој ќе трае се до најголемиот празник Велигден на 5 мај. Овој пост, кој претставува подготовка за големиот празник се нарекува уште и Пасхален пост, Велики пост, Четириесетница  – Велика или Света Четириесетница и е најдолг пост – според должината на постењето. Истовремено е и најстрог пост – меѓу останатите постења – според исхраната и воздржувањето, а и според богослужбите.

Првпат Велигденски пост или пост за Велигден се спомнува на крајот од вториот век, кога траел само три дена. Кон крајот на третиот век, во Сирија се спомнува Велигденски пост којшто траел една седмица. А во средината на четвртиот век, веќе се спомнува Велигденски пост од 40 дена.

Велигденскиот пост нема свој постојан датум, туку зависи од определениот датум на Велигден. Тој е негова претходница и подготовка.

Првата недела на постот се вика Недела на православието. Втората е Недела на свети Григориј Палама. Третата е Крстопоклона – Недела на Чесниот крст, кога вернициите се поклонуваат и го целивааат изнесениот крст на богослужбата. Четвртата е на свети Јован Лествичник и во неа се преминува средината на постот. Петтата е на света Марија Египќанка. Шестата седмица е Цветна (Цветници), наречена така според цвеќето и зелените гранчиња што ги фрлале децата и луѓето пред Христа при неговото влегување во Ерусалим. Седмата е последна седмица пред Велигден, наречена Страдална, Страсна или Велика недела.

Велигденскиот пост започнал од две причини и со две цели:

Да се подготват оние што требало да бидат крстени на Велигден, а кои во текот на постот биле поучувани во верата и во христијанскиот живот и биле огласени за крштение.

Крстените, пак, да се подготват за Велигден – за Воскресението Христово, за Празникот што претставува основа на верата. Христијанската вера е вера во воскресението. Тоа му дава смисла и цел на христијанскиот живот.

Постот е како човекот: телесен и духовен. Со две природи: за телото и за душата. Постиме од гревовноста и од мрсноста.

Се пости на вода, освен во сабота и недела, кога се дозволува масло (зејтин) и вино. Масло и вино се допушта и на празниците: Упокоение на свети Кирил Солунски, Наоѓање на главата на свети Јован Крстител, свети Агатангел Битолски, Младенци Собор на свети архангел Гаврил, света Лидија Македонска, Упокение на свети Методиј Солунски и на храмов или домашен празник. Масло се допушта и на „преполовение“ на постот и на Велики четврток заради Тајната вечера.

Риба се јаде само на Благовец и на Цветници. На Лазарева сабота се јаде икра.

Првите три дана – тримери (понеделник, вторник и среда) не јадат ништо, оние што доброволно одлучиле да не јадат, а не е обврска за сите. Таквите, во средата, по Литургијата, најпрво вкусуваат една лажичка светена вода на Водици (агјазма), а потоа Причест.

Во Велигденскиот пост не се прават свадби, ниту се дозволува венчавање.

Телесниот пост значи во сите дни воздржување од месо, млеко, јајца и производи со нив, односно од сè што содржи месо, млеко и јајца, а во одредените денови, воздржување и од масло и од вино. Храната доминантно е од растително потекло.

Иако, само во сабота и недела е дозволена храна со масло (зејтин), а во другите денови без масло, сепак, има и ублажување на постот, кога е тоа потребно. Ако е човекот болен, слаб и немоќен, може да добие благослов, да пости со зејтин, млеко и риба. Тоа се однесува и на малите деца до 7 години, но и на длабоката старост, како и за луѓето во посебни услови и состојби, како што се болестите, затворите, армијата, војните, бремените, леунките, доилките, патниците и сл.Во таквите случаи постот може да се ублажи. Благословот за тоа се добива од православен свештенослужител. Од постот не се ослободува, туку тој се олеснува. Никако не се допушта месо.

Богослужението во Велигденскиот пост е различно од секојдневното, вон постот. Тие дни се денови на пост, покајание и проштевање. Богослужбите не се свечени, раскошни и славни. Свештениците се облечени во темни и црни одежди.

Претходна вестАеродромот во Тирана за два месеца го користеле над 10 илјади македонски државјани
Следна вестБарди маестрално погоди од слободен удар во дербито со Фенербахче