Почвата е загадена со тешки метали, што се прави да не ги трпиме последиците од тоа?

Мерењата во скопско загрижуваат

На скопските пазари од пред не­ко­л­ку дена муштериите посебно вни­маваат кога треба да ги купат целерот, зелката и морковот. При­чи­на­та е неодамнешната анализа на­пра­вена во лиценцирана ла­бо­раторија во Велес, а која покажала дека во овие видови зеленчук има повеќекратно поголеми концентра­ции на тешки метали. Во случајот на целерот, одгледуван во атарот на скопското село Стајковци се пока­жа­ло дека во него имало дури и до 16 пати поголеми концентрации на опасниот арсен.

– Речиси сите муштерии не пра­шу­ваат прво за цената, туку за тоа каде е саден целерот. Прашуваат да не е од Стајковци или од тој регион? Со недоверба ме гледаат кога им ка­жу­вам дека не е од таму туку од Бар­дов­ци, ни се пожали еден пазарџија на скопското Зелено пазарче.

Од еколошкото друштво „Вила Зора”, кое што ги соопштило загри­жу­вач­ките сознанија, укажуваат дека се­то тоа е најдиректна последица од те­шките метали кои постојат во поч­ва­та во овој регион. Ова не е за првпат да се констатира дека во овој ре­гион во земјата има преголемо при­суство на арсен. И во 2013-та година градските власти лоцирале три контаминирани подрачја со арсен.

– Околу фабриката ОХИС, загадената површина се до Огњанци за­фа­ќа 30 квадратни километри, околу „Ру­дници и железарница” помеѓу Чен­то, Стајковци, Црешево и Брњар­ци загадената површина е околу 20 километри квадратни, а околу „Окта”, кај селата Текија, Миладиновци и Мр­ше­вци е загадена површина од 10 километри квадратни. Во ур­баниот дел загадени поч­ви со арсен има во Чаир, око­лината на Стара желез­нич­ка станица, населбата Пролет, училишниот цен­тар во населбата Же­ле­за­ра, хотел „Панорама” и др. – се вели во Информацијата која ја разгледувал Советот на Скопје.

Сето ова многу ги загри­жу­ва скопјани.

– Прочитав дека има тешки метали во почвата во Стајковци. Се истражува ли каде е така и на други места? И што ми е уште поважно, државата не заштитува ли да не дојдат зеленчукови производи на паза­рот од тие места? Плаќаме многу ин­спекции за да не заштитат од тоа, а не гледам дека е така, вели аеродромката Марија.

Професорката Татјана Миткова од Факултетот за земјоделски науки и храна вели дека досега многу малку е на­пра­ве­но за деконтаминација на почвата.

– Напротив, како што минуваат годините се повеќе се намалува плодната почва. Дури со закон дозволија и најплодната почва да се пренаменува во градежно земјиште, потенцира таа.

Длабоко орање на земјата, внесување на нова земја или неколкугодишно несадење на билни култури на такви локации само се едни од начините за справување со овој проблем, Меѓутоа, пр­о­блем е што досега ре­чи­си ништо не се прави, а гра­­ѓаните можат да ја­дат загаден зелечук без да знаат.

-Инспекторатот треба постојано да зема мостри за испитување по што ќе следи санкционирање на так­ви производители. Единствен излез гле­дам во тоа да се воведат дек­ла­ра­ции за потеклото и приме­не­ти­те техники на производство на не­кој зеленчук или овошје. Така ќе знаеме и кој е производител и од кој регион доаѓа. Со тоа на пазарите ништо не би можело да се продава без таков документ издаден од надлежната институција. Така би мо­же­ле да го тужиме производителот во случај на труење со арсен, смета скопјанката Вале Цветковска.

Опасни последици

Појавата на ракот на кожата, на белите дробови, како и други промени на кожата како дерамтитис само се една од најопасните последици на подолготрајното конзумирање на арсен.Постои и зголемен ризик од рак на белите дробови и на мочниот меур. Освен ова, се намалува и имуниетот, се јавуваат срцевите заболувања и оштетувањето на мозокот, оштетувањето на ДНК…