Неколку партии имаат сериозни забелешки на текот на парламентарните избори. Алијанса за Албанците доставила најмногу приговори меѓу вкупно 82 поднесени од политичките партии до синоќа за поднесување на ваков вид приговори до Државната изборна комисија.
Според сознанијата, оваа партија поднела вкупно 74 приговори, додека два се од партијата „Демократи“, еден од Работничката партија МОРО, еден СДУ и еден од ИНТЕГРА. Најголем дел од овие приговори се однесуваат на неважечките ливчиња.
Со двата приговора ВМРО-ДПМНЕ побараа да се пребројат гласачките ливчиња, посочувајќи дека е голема бројката на неважечки ливчиња и тоа во најголем дел во случаи каде што се гласало за коалицијата „Обнова“.
-Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, а воедно ќе напоменам дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно водеа кампања да се прешкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставуваа дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Алијанса за Албанците веднаш по завршетокот на гласањето обвини дека на гласачките места се случувале бројни нерегуларности.
-Имаше притисоци врз гласачите, имаше „бугарски воз“ на гласачките места во Липково и во Сарај, се правеа притисоци од полицијата, изјави во среда вечер Арбен таравари од оваа партија.
И Глас за Македонија во своја реакција потенцира дека се случиле манипулации.
–На голем број избирачки маеста каде со сигурност гласале наши лица од пратенички листи и нивните семејства, на крајот во записниците немаме гласови. Нашите уредно пријавени набљудувачи, биле избркани од гласачките места. Има голем број неважечки ливчиња, каде е заокружена нашата партија, а потоа ливчето е направено неважечко. Глас за Македонија бара отворање на сите кутии и повторно пребројување на гласови и вештачење на неважечките ливчиња. Ако ова не се направи барааме поништување на изборите, се вели во писмената реакција на партијата.
Денеска до 19 и 30 кога истекува рокот за приговори за изборните резултати се очекува да се жалат поголемите политички партии. Од СДСМ веќе изразија сомнеж за податоците објавени од ДИК каде, според нив, се забележани недостатоци и грешки кои даваат неточна слика за изборниот резултат.
ДИК во рок од 72 часа од поднесувањето на приговорот донесува одлука, а претседателот Оливер Дерковски изјави дека тоа ќе се случи до понеделник.
Во меѓувреме, 23 политички партии доставиле известувања за сомнежи за постоење изборни нерегуларности до Јавното обвинителство.