Погребан матурантот од гимназијата „Георги Димитров“ кружат сомневања дека бил отруен со дрога

Учениците од гимназијата „Георги Димитров“ во скопски Карпош трет ден се вознемирени од смртта на својот соученик матурант, погребан во понеделникот. Официјални информации од институциите за смртта на матурантот се само дека бил пронајден мртов на плочник пред зграда во Центар, пренесува Макфакс.

Меѓу учениците, пак, кружи стравотна приказна дека бил отруен во кафуле, каде што му била ставена дрога во пијалак. Случајот во јавност го објави пензионираната професорка од Филозофскиот факултет, Виолета Ачкоска.

– Дали некој знае дека денес се погребува гимназијалец отруен со дрога ставена во пијалак во кафуле. Дали некој знае уште за неколку слични случаи на деца, кои, по халуцинацијата, се фрлат од петти кат и слични самоубиства… Можеби некој знае, но не оваа јавност, која сè уште е траурна од смртта на малата Тамара, нека почива меѓу ангелите, стои во објавата на професорката Ачкоска.

Под една од објавите за смртта на матурантот во медиумите во коментар мајката на починатиот кажува дека се работи за нејзиниот син и се сомнева дека полицијата ќе го затвори случајот како самоубиство.

– Детето е Јован, мојот син, мојот ангел, момче што беше прекрасен син. За жал, јас како мајка не успеав да му се најдам тогаш кога сум му била потребна. Да се биде родител во оваа држава е многу тешко, без поддршка од институциите. Институциите сигурно ќе го затворат случајот како самоубиство, така е најлесно. Моја вина е што го дозволив тоа, што останав тука да ги растам и воспитувам моите деца. За каде? За во ‘Бутел’, напиша мајката.

Од агенцијата Макфакс побарале одговор за настанот и од МВР, а отаму како што велат добиле само техничка вест, без никакви детали дали оваа смрт дополнително ќе се испитува.

– На 12.3.2023, во СВР Скопје е пријавено дека на плочник пред зграда на подрачјето на Центар е пронајден починат Ј. Т. (18). Извршен е увид од страна на полициски службеници и по насока на јавен обвинител телото е дадено на обдукција, при што е утврдено дека починал поради повреди настанати од пад од висина, велат од МВР.

За смртта на матурантот не сакал да зборува ни Саша Стоименов, директор на гимназијата „Георги Димитров“ кој рекол деканема дополнителни информации за смртта на матурантот.

 

Претходна вестСо поетско читање на Билазора, ќе се одбележи светскиот ден на поезијата
Следна вестНа рафтовите стари цени, ќе има ли утре намалување?