Покрај законската заштита, на Водно му е потребна добро опремена и организирана ренџерска служба

Андреј ЈАНКОВ, активност од граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ го прашуваме за Водно и што му се случува на најубавото скопско излетиште.

о Што се случува сега на Водно, дали се почитува договореното околу градбата на гасоводот? Се чува ли доволнио околината?
-Во моментов гасоводната траса на Водно веќе е направена и започната е фазата на поставување на цевките од гасоводот. Самата сеча и расчистување за трасата се изврши уште пред два и пол месеци, и тоа во два дена, на 25 и 26 февруари, пред самиот истек на решението за сеча. За жал, додека пробувавме да предочиме што значи дури и видоизменета и стеснета стаза, имаше мешани реакции, а подршката обично беше само декларативна на социјалните мрежи. Сметам дека доколку сите оние кои сега се бунат и ламентираат тоа го направеа навремено, можеби и ќе успеевме во намерата да го „избркаме“ гасоводот низ Водно. Вака, утеха ни останува дека, како резултат на нашиот отпор и предупредувања се стесни трасата на 10 метри во должина од десет километри.
Можеме да констатираме дека на изведениот дел ветената ширина на трасата се почитува. Ако сегашната траса со ширина од 10 метри делува страшно, пробајте замислете ја со ширина од 25 метри. Токму тоа беше таа „Партизанска на Водно“ за која предупредувавме, а тоа наиде дури и на потсмев. Според првобитниот проект, естимацијата беше дека ќе треба да се исечат 22.000 стебла. Со измените на проектот и стеснувањето на трасата, сечата беше веќе спадната на 7.000 стебла. Од она што го гледаме на терен, сепак излегува дека сечата е далеку помала и од оваа бројка, и се сведе на нешто над 3.000 дрвја. Така да, ако изведбата на трасата ја сведеме на гола аритметика, со измената и стеснувањето се спаси многу. Но, не можеме изведбата на гасоводот низ Водно да го сведеме само на дрвјата. Тука се уште лежат низа на проблеми кои можеби сеуште не можеме ни да ги предвидиме.

о Дали добивте доволни гаранции дека уништеното зеленило и Водно ќе бидат доволно обновени со Планот за ревитализација?
-Како прво, поимот „ревитализација“ не подразбира обнова на она што е уништено. Самата технологија на изведба на гасоводи не дозволува обнова на зеленилото на самата траса. Единствено можно е враќање на земјениот слој и потревување, евентуално садење на грмушки и шумско овошје на периметарот на трасата, со што истата би станала пешачка патека. Во случајов, ревитализацијата е замислена како нови садници на други места низ Водно, каде тоа е можно. Приоритет секако има северниот дел на Водно кон Скопје, особено североисточниот, каде своевремено не е направен системот на канали. Тоа го подразбира делот над Кисела Вода и Припор. Исто така има и подрачја над Нерези, кај Грчец, над Шишево и Крушопек. Во втора фаза пошумување би опфатило и дел од јужната страна на Водно, која е потешка за работа.
До сега сме имале само еден состанок по ова прашање со работната група, каде ни беа презентирани подрачјата планирани за пошумување. Ние дадовме и наши предлози, покрај предвидените, кои ќе бидат разгледани. Што се однесува на гаранции, веќе во септември 2018 Македонски енергетски ресурси има исплатено 700.000 евра на Град Скопје на посебна сметка за ревитализација. Во консултација со ЈП „Паркови и зеленило“ и професори од Шумарскиот факултет, предвидено е првите пошумувања да започнат на есен, а самиот проект да се комплетира до Јули.

о Каква грижа и статус се потребни за Водно?
-Покрај законската заштита, на Водно итно му е потребна добро опремена и организирана ренџерска служба или нејзин пандан, кој ќе се грижи за планината 24/7. Премногу малку шумари патролираат на лице место, а и нивните ингеренции во моментов се мали. Границите на парк шумата не се јасно означени и се загрозени особено од страна на Скопје, каде сведоци сме дека има веќе низа на дивоградби кој „никнуваат“ на обработливи површини, ниви и ливади, пред се кај Крушопек и Шишево. За урбаната експанзија и ДУП-овите на Центар нема потреба да коментираме. Па првиот рид десно од каде започнува пешаката патека е планиран за урбанизација! Искрено се надевам дека тој ДУП во блиска иднина ќе биде сменет.
Во моментот, на Водно покрај гасоводот и патот се уште во тек на градба е телекомуникациската кула на АЕК. Тој проект исто така е штетен и непотребен. Тоа особено ќе дојде до израз ако профункционира најавуваниот ресторан во кулата. истиот во ноќните часови сигурно нема да биде опслужуван од жичарницата, па стравуваме дека тоа ќе донесе автомобили до врвот на Водно. Се најавува сега и амфитетар на врвот…
На сметка на овие нови содржини, стари неискористени капацитети се оставени на забот на времето. Таков пример се Домот на ПТТ, постоечките објекти од Детското одмаралиште како и незавршената карабина во близина, која доколку е можно да се санира би можела да послужи како медијатека или Музеј на Водно. На Водно пред се му е потребна грижа од институциите, кои треба да бидат поригорозни во својата работа, но и од страна на граѓаните, кои треба будно да следат што се случува, и да реагираат во негова одбрана.