Политичките пазарења поважни од ценовните шокови, покачувањето на струјата…

Дваесет и два дена Македонија е заложник на политиките на партиите, бидејќи владино мнозинство нема, а нема ни опозициско. Собранието е нефункционално, институциите се во стагнација, блокирани од постизборните резултати. наместо сето ова да се реши со техничка влада или со предвремени избори, власта пимпла, си купува време.

Од 31 октомври, вториот круг од локалните избори, наваму ниту власта ниту опозицијата не можат да обезбедат мнозинство во Собранието, а чие ќе превладее зависи од ставовите на албанските партии кои имаат пратеници. Па така, во моментот ситуацијата е таква што Алтернатива до утре ќе решела дали ќе се врати во Владата, лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски секој ден бара предвремени парламентарни избори а шансите да ги добие сега не се големи, додека пак премиерот Зоран Заев, повторно најави оставка и нов мандатар – овој пат до Нова Година.

И додека се чека политичките пазарења да завршат па да се врати функционалноста на институциите, решенија нема за покачувањето на цената на струјата, ниту за останатите ценовни шокови. Никој не зборува како да им се помогне на граѓаните и претпријатијата, што е со ригорозните мерки против ковид кои директно ќе удрат врз џебот на граѓаните…? Проблеми во моментот има многу, најголемите не се политичките и партиските пазарења.

Ако до Нова година треба да ја чекаме разврската на политичката драма, посветеноста на политичарите кон владејачките фотелји може скапо да не чини. Фатете се за работи, креирајте стратегии брзи и ефикасни со кои ќе ги спасите луѓето од економскиот и здравствениот удар, граѓаните – веќе видовме – знаат да го казнат неработењето.

Претходна вестГостиварец пронајден мртов со повреди на главата
Следна вестПразник за душа и очи: Изложба за Бигорскиот манастир во Музејот на македонската борба