Полицијата е попустлива, судовите уште повеќе, затоа за 6 дена пострадаа 5 пешаци

Институциите само ќе бројат или и ќе реагираат?

Чкрипење на кочници, а некогаш ниту тоа туку само силен удар… е најчесто она што претходи на сообраќајните несреќи во Скопје во кои жртви се пешаците. За жал, ги има многу, а она што последниве десетина дена се случува на скопските улици ептен загрижува. Имено, само за шест дена, во периодот од 23-ти па до 28-ми ноември на градските сообраќајници имаше дури пет настрадани пешаци. Еден загина, а останатите беа потешко повредени! Што се случува на скопските улици, зошто пешаците толку многу страдаат?

-Опасно стана движењето по улиците. Најризично ми е кога тротоарите се окупирани од паркираните возила и кога ние пешаците мора да слеземе на коловоз. Да не зборувам како се вози брзо на улиците и како не се застанува на пешачки премини од страна на возачите, ни вели скопјанецот Коста Илиевски.

Лани, во Македонија дури 27 пешаци го загубиле животот, а дури 861 пешак се сериозно повредени на улиците. Во статистичките податоци нема колку од овие лица се пострадани во Скопје, но лесно може да се претпостави дека голем дел се настраданите се на скопските сообраќајници.

Булеварите „Партизански одреди“, „Јане Сандански“, „Првомајска“, улицата „11 Октомври“ кај Зелено пазарче, кај Бит пазар, влезот во Скопје од страната на Ѓорче Петров… само се дел од најризичните сообраќајници на кои најчесто се случуваат несреќите со пешаците. Причините за ваквите несреќи, искуствата покажуваат, се двострани: вината е и кај возачите на автомобилите, но и кај пешаците.

-Има многу насовесни возачи кои не внимаваат, но има и многу граѓани, посебно од младата генерација кои исто така не се внимателни. Ќе стават слушалки во уши, мобилните телефони во раце и излегуваат на улица без да застанат, да погледнат лево-десно. А млади возачи со скапи возила мислат дека возат авион и се случува несреќата. Таков ни е менталитетот и тој треба да се смени, потенцира скопјанецот Денис Бихорац.

Такви предупредувања даваат и од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот. Од ова тело потенцираат дека покрај грешките на возачите и несоодветната сообраќајна инфраструктура, за несреќите често се виновни и самите пешаци. Односно, дека тие често поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, се движат меѓу две коловозни ленти… Истовремено пешаците се и најмалку санкционирани од страна на полицијата иако се недисцилинирани и не ги почитуваат правилата.

-Полицијата често им простува на пешаците за кршењето на прописите. Сепак многу позагрижувачко е што судовите им простуваат на возачите кои прегазиле пешак. Колку млади животи згаснаа на пешачки премин, а тие возачи не беа ни по неколку месеци во затвор, преку прашање, ни прокоментира аеродромецот Андреј.

Да, тоа е и знак дека надлежните треба да поведат поголема сметка за она што се случува на улиците, но и во судниците. Пешаците мора да бидат заштитени.!

Најопасно кај зелените пазари

Искуствата покажуваат дека најголеми „црни точки“ во градот за пешаците се сообраќајниците во близина на скопските пазари. Таму најчесто страдаат постарите лица, над 60 години, кои претходно пазарувале и кои не внимаваат доволно каде и кога ги поминуваат улиците.

Загинати пешаци во Македонија:

2018 г. 27 лица

2017 г. 34

2017 г. 35

2015 г. 49