Полицијата одзеде шест мотори, правеле преголема бучава

Петнаесет моторџии се казнети, а шест мотори биле одземени од страна на полицијата во полициска контрола на скопските улици која ја спроведе Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје. Контролата била спроведена во саботата од 20 часот до еден часот по полноќ, период во кој, според сознанијата, недисциплинираните моторџии создавале најголеми проблеми на градските сообраќајници.

Шест моторцикли се одземени привремено под сомнение за техничка неисправност за утврдување бучава, а за два постои сомнеж за сторен царински прекршок. Откриени се пет прекршоци од возачи на моторцикли – управување без возачка дозвола, измината важност на сообраќајна дозвола, изгубена или оштетена регистарска табличка, не носење возачка дозвола и управување без заштитен шлем.

-Во однос на наведените прекршоци издадени се четири платни налози за наплата на глоба и еден мандатен платен налог за наплата на глоба, а дополнително се откриени уште десет останати прекршоци, за шест од нив издадени се мандатни платни налози за наплата на глоба, а за четири прекршочни платни налози за наплата на глоба, соопшти МВР.

До контролата доаѓа по мерењата на преголемата бучава на скопските улици кои покажаа дека еден од најголемите извори се токму моторите. „Скопско ехо“ неодамна повика да бидат преземени и конкретни мерки од страна на надлежните бидејќи тие ретко беа преземани од надлежните органи.