Понижувањата имаат своја граница

Колумна на Владимир Величковски:

Македонија ги реди старо-новите црни петна во својата несреќна историја, при што не треба да се заборава на туѓиот и нашиот удел во таквиот развој на настаните. Најново е: заплетканиот јазол околу нашиот влез во Европската унија никој не умее да го разреши туку повеќе се усложнува. Франција со својот предлог всушност застана на страна на Бугарија, членка на ЕУ афирмирајќи ги апсурдните агресивно искажани претензии кон својот сосед кој со право бара почеток на преговорите. Реално, нам ни се случува уште едно вето и доколку не ги примениме сите уцени и закани за поништување на сопствениот јазик, историјата и идентитетот ќе ја носиме вината дека сме го отфрлиле францускиот предлог, веќе прифатен од Бугарија и зад кој стои ЕУ! И тие ќе не обвинуваат за „говор на омраза“. Не треба веќе да се откажуваме од веќе зацртната цел, меѓутоа, изгледа ќе биде најдобро сите сили да ги посветиме на сопствениот труд и сопстевните заложби. Светот е смачкан воден од игрите на моќните доведувајќи го светот во цивилизациски пад и ружење на хуманистичките и етичко-морални вредности.

Во земјата се множат проблемите и фрустрираноста: секој штрајкува или протестира за парче леб а државата се рони, навлезе во банкрот. Синдикалците ги блокираат патиштата и на овие високи температури што значи дека дошол нож до коска. Создаваме, меѓу другото, историја на улични перфоманси со употреба на разни предмети со симболично значење: наредени чевли или столици, треснување на лубеница о земја итн. Се обновува силата на невротичност дури и на агресивно однесување и тоа во семејствата, на улица но исто така и во Собранието во кое не се почитува ниту „етичкиот кодекс“ ниту мислењето на другиот. Пратениците, многу невешто глумејќи праведност, нагласуваат дека се избрани од народот и дека работата во интерес на народот. Повеќе од јасно е дека тонеме, ама не како Титаник туку како пробушен чун во бура. Партиите неодговорно во продолжение не умеат да комуницираат ниту да остварат соработка ниту во актуелна длабока криза откривајќи ја целата беда и сиромаштија на „политичкиот живот“. Наместоа заедничко, стручно и посветено делување тие единствено умеат да се напаѓаат со исти приземни навреди и обвинувања. Бившите функционери или „мудро“ молчат (и уживаат во привилегиите) или дрско и отворено ги бранаат сивите бои на „својата“ партија. Сите тие не ни влеваат доверба  ниту верба дека може да направат нешто добро за македонската држава. Идеите и ставовите, оценките на новинарите и „аналитичарите“ губат на убедливост и значење во истиот момент кога ќе ја искажат нивната партиска наклонетост или припадност.

Повеќе од триесет години слушаме и посведочуваме повеќе за грабеж и криминал отколку за добри дела. На кого и за што можеме да му веруваме? Иднината на нашите внуци е веќе зацртана, може да се предвиди! Никогаш, изгледа, не се работело плански и со знаење, домаќински во интерес на народот и државата. Немаме ниту координиран, одлучно искажан став за одделни суштествени прашања во услови на внатрешна поделеност за изградба на современо демократско општество. Западните земји наместо да смируваат, тие го разгоруваат оганот на војната и судирот меѓу народите вклучително со блокади и санкции кои создаваат лоши состојби. Тие заради сопствен интерес ги поништуваат афирмираните принципи и критериуми на градење на современо општество и политики во односите. Таквата расцепканост и недоследност ја слабее одбрамбената моќ за успешно разрешување барем на некои од тешките планетарни проблеми кои го притискаат светот. А сите ние и во сопствената земја сме принудени да се справуваме со секојдневни егзистенцијални проблеми во кои се вбројува и зачудувачко висок степен на неписменост. Имаме толкав број на млади со дипломи и титули, како и голем број на невработени: царува самоволие со врски и потплатување на сите можни начини и во сите институции без исклучок. Личниот интерес ја брише грижата за другиот, а да не зборуваме за правата на човекот, мажот или жената, за правата на детето и семејството, на работникот изложени на неправда, насилство и експлоатација. Порано младите одеа да заработат некоја пара во разни земји на Европа и во светот, вклучително и во Авганистан. Некои од нив ги вложуваа заработените пари и за сопственото творештво. Понижувањата имаат своја граница, праг на подносливост, ама во криза и достоинството губи на значење. Проблеми се нижат од управата на градинки до управата на затворите, срам за цивилизираниот свет. За образованието тешко е да се зборува позитивно а синдикалците протестираат и пред Министерството за труд и социјална политика покрај бројните јавни прозивки за нефункционалност и неправдите на повеќе државни институции. Министерството за култура е, исто така, партизирана и бирократизирана институција која повеќе попречува отколку што придонесува за науката и културата. Се крадат и уметнички слики, но медиумите не известуваат за сите случаи. Крадат и партиски поставени директори, а галеријата може да ви врати позајменото дело оштетено и тоа од некој познат уметник и повторно – никому ништо. Во Скопје трешти прегласна музика која вознемирува. Ништо за тоа. И натпреварот за дигање тегови пред Сити мол, исто така, зачинет со прегласна музика. На тој начин потиснато е значењето на звукот и музиката во животот на човекот.

Претходна вестТоварен воз прегази двајца мигранти што лежеле на пругата кај Миравци
Следна вестБислимовски: За 98,8 отсто од домаќинствата просечната цена на струјата ќе се зголеми за 7,4 отсто