Пописот се одложи за септемеври, разликите околу попишувањето на дијаспората останаа

Пописот на населението се одлага и ќе се изврши во период од 5 до 30 септември годинава но неизвесно е на кој начин ќе се попишуваат нашите сонародници во странство. Ова произлегува по вчерашното усвојување на законските измени од страна на пратениците во македонскиот парламент. Измените и дополнувањата на Законот за попис беа донесени со 95 гласа „за“, а „против“ гласаа 12 пратеници. Во рамки на гласањето по Бадентер, 26 пратеници од заедниците гласаа „за“, додека 12 пратеници на коалицијата Алијанса/Алтернатива беа „против“.

Меѓутоа, и по ова останаа несогласувањата меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица околу методологијата со која ќе се попишуваат нашите сонародници во странство. Од најголемата опозициска партија вчера изјавија дека дијаспората треба само да се евидентира.

Ние остануваме на ставот дека резидентното население и дијаспора се различни поими. Остануваме на ставот дека резидентното население треба да се попише, и дека дијаспората може да се евидентира. Се знае точно што значи привремен претстој во странство, што значи граѓанин иселен надвор повеќе од 12 месеци, што значи одјавена адреса на живеење во Република Македонија. И дајте сите заедно ова да го направиме, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов изјави пописот на дијаспората ќе влијае врз економските параметри во земјата. Вели дека политичарите го уништија кредибилитетот на процесот.

-Ние го гледавме вицепремиерот Артан Груби на државна сметка селективно оди во одредени држави па како лобира тамошната дијаспора да се попише, па политичари од тие државии повикуваа да се попишат како тоа да е нивна работа. Потоа министерот за правда Бојан Маричиќ кој баш ми е жал што не е присутен, изјави дека правичната застапеност ќе се раководи според севкупното попишано население односно по дијаспората. На пример во едно село со 10 илјади жители од кои 5 илјади иселени, правичната застапеност ќе се раководи според бројот од 10 илјади жители, рече Крмов.

Наспроти ова, премиерот Зоран Заев смета дека со пописот треба да се попишат сите наши граѓани, резидентни и нерезидентни, граѓани кои живеат овде, во земјава, или пак кои се отселиле и живеат повеќе од една година надвор од државата.

– Тоа е нашиот народ. Ние си го попишуваме целиот наш народ без разлика дали е дома или надвор. Се работи за операција која е емпириска, но истовремено и техничка. Може да се случат одредени технички грешки, но ако ги пријавиме, тие се отстрануваат и се решаваат. Апелирам до граѓаните за ваков или за друг сличен проблем веднаш да пријават во Заводот за статистика за да биде отстранет и за да си го исполнат своето граѓанско право и обврска – да се попишат, рече Заев.

Претходна вестСамо да не сте со кратко паметење што сте гледале на ТВ…
Следна вестКазни за 142 пребрзи возачи на Скопје-Гевгелија и Градско-Прилеп