Пописот со уште една дилема – дали попишувачите треба да бидат имунизирани?

На Конкурсот за реонски попишувачи и инструктори за претстојниот попис на населението, кој беше објавен вчера, веќе се пријавиле првите кандидати. Од Државниот завод з статистика не се категорични, но велат дека е поѓелно попишувачите да бидат имунизирани, односно да примиле две вакцини.

Основните критериуми за да можат да се пријават на Конкурсот е да се полнолетни, невработени, да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено најмалку средно училиште и да поседуваат компјутерски вештини, велат од Стаистика.

Во врска со тоа дали попишувачите треба да бидат вакцинирани, од Заводот велат дека имунизацијата не е услов во конкурсот затоа што таа е на доброволна основа, иако во апликацијата има две прашања поврзани со тоа со цел да се има увид колку од кандидатите се вакцинирани, колку не се но и колку би се вакцинирале откако ќе бидат избрани на конкурсот.

Од Комисијата за заразни болести засега нема препорака попишувачите да мора да бидат вакцинирани, но здравствените власти апелираат лицата кои ќе бидат вклучени во попишувањето да се вакцинираат.

Во меѓувреме од Заводот за статистика информираат дека заклучно со вчерашниот ден самопопишани се 190.281 лице од дијаспората и тоа преку посебната апликација која е активна во целиот овој период.