Поплаките за лошите студентски домови, храната, партизацијата… се слушаа и на денешниот Меѓународен ден на студентите

Лоши услови во студентските домови, реконструкции кои никако да почнат и завршат, слабиот стандард, слабата храна, незаинтересираност за поголем активизам, партизација… сето тоа се спомнуваше на одбележувањето на денешниот Меѓународен ден на студентите. Празникот се одбележува во знак на сеќавање на нацистичкиот упад на Универзитетот во Прага на 17 номеври  1939 година, кога биле убиени осуммина студенти и еден професор, а над 1.200 студенти биле испратени во концентрациони логори, по што биле затворени сите чешки универзитети.

Синоќа во Студентскиот културен центар Универзитетско студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ организира студенско дружење со музија, поезија, творештво при што имаше и обраќања за положбата на студентите. Денеска, пак, на Филозофскиот факултет се одржа трибина за студентските проблеми.

Александар Николовски, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) на УКИМ, рече дека не е реализирано ветувањето дадено во јануари годинава за почеток на етапна реконструкција на сите девет државни студентски домови во рок од 30 месеци и не е продолжена изградбата на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје.

-Тука е и нивото на ефикасност и прашањето дали е финансиско одржливо постоењето на седум државни и 20 приватни универзитети. Може да зборуваме и за квалитетот на самите студиски програми на универзитетите. Треба да се зголеми и ефикасноста на МОН каде постојат 35 службеници за високо образование кои се недостапни за контакт и не одговараат на прашања иако им се поставени телефонските броеви и мејл-адресите. Треба да бидат тело кое ќе одговара на проблемите на студентите, рече Николовски на кој веќе две недели не му одговараат на барањето за средба со министерот за образование.

Студентската правобранителка на УКИМ Савче Ѓошева изјави дека неотпочната реконструкција на домовите „ги фрустрира студентите“, а она што им е секојдневен проблем се и оброците.

-Храната во мензите е неквалитетна и студентите се гневни поради тоа. На студентите им е скратен еден оброк зашто е укинат појадокот. Картичката за студентски оброк ја користиме секој ден и би било подобро средствата да ни се исплаќаат неделно и студентите да може да си испазарат храна за една недела и да си приготват здрави оброци. Надлежните се информирани, но се уште немаме одговор од нив, ниту засега имаме состанок за да разговараме за нашите потреби. Затоа, ова е апел до надлежните да го слушнат гласот на студентите и нивните барања, рече Ѓошева.

Според Александар Мирчески, студент на трета година на Филозофскиот факултет, 140 денари дневен износ за студентски оброк е доволно само за еден бурек и јогурт со оглед на поскапувањата.

-Сегашниот начин на исплата воопшто не е прагматичен. Приморани сме тие 140 денари, кои и не се голема сума, да ги потрошиме во текот на денот зашто инаку ни пропаѓаат. А се случува понекогаш да се разболиме и автоматски ги губиме тие пари. Има поплаки и дека квалитетот на храната во домовите е многу лош, особено вечерите. Во некои домови не се сервира ниту појадок. Не се учи на празен стомак и тоа треба да го знаат тие што се одговорни, рече Мирчески.

Тој додаде дека партизацијата е канцер на нашето општество.

-Таа мора да се исече од корен бидејќи не се цени квалитетот туку се цени послушноста и се фаворизираат послушниците. Квалитетниот кадар решението го бара надвор од државата зашто тука не гледаат можност за напредување, рече Мирчески.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот Јетон Шаќири со видеообраќања им го честитаа денот на студентите.

-Вашиот глас треба да се слуша. Во вашата битка вие не сте сами, Владата која ја предводам, заедно со вас, ќе продолжи да инвестира во вашата и наша иднина – во подобро образование, подобар студентски стандард и подобар живот за сите нас, рече Ковачевски во пораката, нагласувајќи дека Владата се придружува во заложбата за подигнување на студентскиот стандард и дека има обврска „да обезбеди европски квалитет на живот дома“.

 

Претходна вест„Класиката е блескаво освежена“, „Тајмс“ со оценка од 5 ѕвезди за новиот албум на Симон Трпчевски
Следна вестГрад Скопје набави специјално адаптирани возила за деца и лица со потешка телесна инвалидност