Порачал на аскерот дека Македонците никогаш не се предаваат – народот го воспеал „Јас Методи Патче од Охрида…“

Бројни се примерите на јунаштвото на македонските револуционери во борбата за македонска држава и самобитност. Треба да се чуваат спомените на нивните херојства, како лични, така и колективни – како групи, чети…

Македонија имала јунаци во османлиско време кои не се плашеле пред многупобројниот турски аскер, а отпор давале и на бугарски, грчки и српски чети од тој период. Има примери кога поради недостаток на муниција дури и заедно повеќе македонски борци да се самоубијат само за да не му паднат во рацете на непријателите. Не згаснува споменот за хероите од Битката на Ножот од 1907 година кога по долга битка со бомби се самоубиле 12 револуционери предводени од војводата Христо Узунов во битката на Цер, кичевско кога беа опколени од турската војска…

Сеќавање на едно такво колективно херојство имаше и деновиве, во саботата, се навршија 121 година од заедничкото загинување на македонскиот револуционер Методи Патчев и на неговата дружина откако биле опкружени од турскиот аскер и башибозук во Кадино Село, прилепско.

Тогаш, во 1902-ра година, на 25-ти март, се прославувал селскиот празник Благоец, па револуционерот и војвода, дошол во ова прилепско село за да прими нови членови на македонската револуционерна организација. Но, набрзо бил предаден (според информациите го предале двајца врховисти и турски шпиони) и бил опкружен од турскиот аскер и башибозук кои броеле над 520 војници. Нерамноправната 24-часовната јуначка борба траела се до моментот кога на револуционерите им снемало муниција.

-Предајте се, бил повикот на бројчано многу поголемиот турски аскер.

Но, од Методија Патчев и од неговите соборци веднаш добиле одговор.

-Македонските борци не се предаваат, била заедничката порака.

Веднаш потоа, со последните куршуми што ги имале во своите пиштоли и пушки се самоубиле давајќи го животот за слободна Македонија и македонски народ.

Командантот на турските едниници, потпоручникот Нијази-бег, подоцна еден од истакнатите членови на Младотурската револуција, покажувајќи на положените тела на комитите, пред аскерот изјавил: “Тоа се херои. Гледајте како се бореа за својата идеја.” Потоа со плотун пред мртвите тела, Турците им оддале почит на загинатите македонски борци…

На тој начин завршил и животниот пат на Методиј Патчев, роден на 14 мај 1875 година во Охрид. Во 1896 година влегол во редовите на ТМОРО, а четири години подоцна влегол и во нејзиниот револуционерен комитет. Во тој период, се до своето херојско загинување тој извршувал бројни задачи кои му биле поставувани и значително придонел за омасовувањето на македонската револуционерна организација. Таков херојски спомен се задржал и меѓу народот кој му испеал и посебна песна – „ Јас Методи Патче од Охрида“, посветена токму на неговото и на херојството на неговите соборци.

Претходна вестОбновената „Заспаната убавица“ на сцената на Опера и балет
Следна вестМузичарот Петар Младеновски предупредува: Група малолетни деликвенти напаѓаат во Капиштец, го претепаа и син ми