Поранешен јавен обвинител од Охрид обвинет за несовесно работење

Обвинение против поранешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид за продолжено кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45 од Кривичниот законик е поднесено од страна на Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд.

Во соопштението се наведува дека обвинетиот, во периодот од 19 ноември 2013 година до 25 ноември 2021 година, додека се уште ја извршувал функцијата јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Охрид, очигледно несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности поврзани со преземање или непреземање на дејствија  по конкретни предмети.

-На тој начин тој овозможил пријавените кривични дела апсолутно да застарат за гонење, и со тоа, потешко ги повредил правата на други  – подносителите на кривичните пријави и оштетени, бидејќи тие пред истекот на рокот за апсолутна застареност на гонењето по пријавените кривични дела, не добиле одлука ниту за гонење на пријавените лица – со што биле ускратени да ги остварат своите права како оштетени во судска постапка, ниту пак добиле одлука – решение за отфрлање на поднесените кривични пријави со која оштетените би имале право на жалба за да ги остварат правата во претходна постапка, се наведува во информацијата.

По извршен вонреден надзор на Вишото јавно обвинителство Битола врз работата на јавниот обвинител беа констатирани пропусти во постапувањето, при што беше задолжен да ги преземе неопходните дејствија во предметите.

-Тој не постапи по задолжението од извршениот надзор, односно состојбата во предметите остана идентична. Од тие причини против обвинителот беше поведена и дисциплинска постапка во која Дисциплинската комисија донесе решение со кое за сторените тешки дисциплински повреди изрече дисциплинска мерка – предлог за разрешување на јавниот обвинител. Во текот на кривичната постапка против јавниот обвинител беше утврдено дека на овој начин настапила застареност на вкупно 14 предмети во Основното јавно обвинителство Охрид, соопшти Јавното обвинителство.

Постапката во овој предмет ја води Основното јавно обвинителство Струга, бидејќи Основното јавно обвинителство Охрид побара изземање со оглед на тоа што обвинетиот го сторил кривичното дело во својство на јавен обвинител во тоа обвинителство.

Претходна вестСе моли крадецот да го врати украдениот полициски компјутер од Блаце
Следна вестКовачевски летна за Њујорк: Ќе каже во ОН како се унапредува образованието