Незаборавниот тренер на Вардар, Гонзалес: Македонските навивачи се најдобри на светот

Македонците се најдобри навивачи на светот, а времето кога го водел ракометниот клуб Вардар било незаборавно, со овие зборови Раул Гонзаелес го опишува својот ангажман во македонскиот клуб. Гонзалес кој на Вардар му ја донесе првата историска круна во Лигата на шампионите, а потоа беше и селектор на Македонија, во интервју за ЕХВ вели дека иако поминале 6 години се уште се сеќава на историскиот успех на Вардар.

– Минаа шест години, а се уште немам зборови да го опишам тоа чувство. Во 2014 година го преземав Вардар и тоа се покажа едно – неверојатно и незаборавно искуство! Го прифатив предизвикот, а како што моето повикување во шпанската репрезентација беше изненадување, така и ова беше едно изненадување во кариерата и работите навистина одеа добро со Вардар. Во 2016 за малку не стигнавме на фајнлфор, а следната сезона веќе го кренавме трофејот. Нешто неверојатно, прекрасен настап, нешто што го има само во книгите. Имавме извонредна сезона, после ги победивме Барса и ПСЖ за гол разлика во Келн и едноставно немам зборови како тоа да го опишам, како да ги опишам чувствата, кои еве сега и шест години потоа се огромни. Не бевме фаворити, ама бевме изненадување и успеавме во намерата. Бевме европски прваци. А, во Македонија? Тотално лудило. Дури 90 отсто од луѓето го гледаа финалето, значи девет од секои десетмина беа пред телевизор за да нѐ гледаат против ПСЖ, вели Раул.

Понатаму истакнува дека Македонците се најдобри навивачи на светот.

– Јас бев и селектор на Македонија и знам колку на Македонците им значи ракометот. Кога се вративме во Скопје, 100.000 луѓе беа на улиците за да слават, да нѐ поздрават. Нешто неверојатно, прекрасно. Јас можам да кажам, со рака на срце, дека македонските навивачи се најдобри на светот. Таа нивна поддршка за националниот тим, страста што ја имаат за спортот, тоа е без преседан, вели Гонзалес.

Гонзаелс својот ангажман во Македонија го започна во 2014 година како главен тренер на Вардар. Во сезоната 2016/2017 Вардар за првпат играше на Фајнал-фор турнирот во Келн каде како дебитант ги изненади сите и за првпат во својата клупска историја го освои пехарот во ЛШ.

Претходна вестФилхармонискиот оркестар на Македонија со концерт за најмладите
Следна вестДУИ го плаши ли СДСМ со предвремени избори?