Порано клупите ги користев како мрежа, а сега освојувам меѓународни тениски турнири

Се почнало сосема спонтано. Во есента 2009-та година во домот на семејството Симеви се гледал телевизискиот пренос на еден од женските дуели на грен-слем турнирот УС Опен. Тогаш петгодишната Александра Симева се фиксирала за екранот. Очигледно, она што го гледала и се допаднало и на прв поглед се вљубила во тениската игра. Потоа следела желбата да и се купат тениски рекети што веднаш било прифатено од страна на родителите. Татко и, Вангел Симев, познат македонски спортски стручњак и професор, веднаш почувствувал дека е време да ги тестира нејзините способности и потенцијали за тенисот.
– Со татко ми речиси секојдневно поминувавме по 2,5 до 3 часа на тревната површина во паркчето кај кулите на улица „Бојмија“. Најчесто клупите за седење ги користевме како тениска мрежа. Желбата да го научам тенисот беше голема и неколкучасовното вежбање не ми беше тешко. Се откажав и од играорни часови. Тогаш скапи беа часовите по тенис во клубовите и се до 2014 година тренирав практично во паркчето меѓу кулите и во училишниот двор на ОУ „Браќа Миладиновци“, ни раскажува 14-годишната Александра.
Од пред пет години таа тренира во ТК „Тениспарк“ каде тренерот и е Илија Мартиноски. Вообичаено вежбањето трае 1,5 час, а кондиционите тренинзи ги прави со својот татко. А таквата посветеност во изминативе две години и донесе големи и значајни спортски успеси. Таа не само што со свои 13,5 години успеа да стане државен првак на Македонија туку почна да реди и меѓународни триумфи. Во септември 2017 година го освоила меѓународниот турнир во Дубровник за играчи под 13 години, освоила две први места во индивидуална и во игра на двојки во Италија, а лани во мај стасала и до финале на престижниот турнир Dr. Oetker Bucuresti. Успеала и да влезе меѓу осумте најдобри во Европа и учествувала на Masters Reggio Calabria U14… Оваа млада спортистка неодамна настапи и на Божикниот турнир од ИТФ У18 каде поминала три кола и стасала до полуфиналето каде го освоила трето место.
– Сигурно е дека е напорно и дека е голем предизвик да се учествува на турнирите. Во дуелите максимално ги користам мојот силен сервис и форхенд удари кои ми се главна карактеристика. А сон ми е еден ден да бидам дел од големите Грен Слем турнири на кои успешно ќе ја претставувам и ќе ја афирмирам Македонија, ни вели овој тениски талент.
Омилени тенисери и се Роџер Федерер и Марија Шарапова, пред се поради нивниот стил на игра, а и харизмата која ја имаат како професионални спортисти и претставуваат вистински бренд во спортот.
– Од оваа година и се восхитувам и сакам да учам од Арина Сабаленка. Намерата да му се посветам на тенисот ми е сериозна и целта ми е да станам професионална тенисерка, објаснува Александра Симева.

Не е тешко да се усогласат школските обврски и тренинзите
Александра учи во ОУ „Ѓорѓија Пулески“ во Аеродром и е одлична ученичка.
– Воопшто не ми е тешко да ги усогласувам училишните обврски обврски со тренинзите и турнирите. А тука голема заслуга имаат и наставниците и директорот кои имаат разбирање и ме подржуваат на патот кон успехот, вели таа.