Поразени сме сите

Колумна на Владимир Величковски:

 Скопје е погрешен град, велеше Живко Поповски. Такви се и другите македонски градови навлезени во архитектонско – урбанистички хаос, меѓу старото и новото. Она, пак, што претставува вредност не може да го сочуваме. Некои од кандидатите за градоначалници знаеја дека ситуацијата е тешка, и дека малку може нешто да се поправи, а сепак со сите сили, непристојно напаѓајќи ги другите сакаа да бидат градоначалник или советник! И повторно, добро знаеја дека и тие функции и тела се крвнички поделени и дека ништо битно не може да се промени. Добро знаеме колку сме сиромашни и бедни, а предлагаа небулозни идеи и божем проекти. Слушнавме нивни зборови и „мисли“, погледнавме нивни платени политички реклами со непориродни смешни движења и веќе нема да посакаме ништо ниту да видите ниту да слушнете. Од сето тоа останува единствено да се оствари личниот интерес или партиската агенда. Кој, всушност, излезе како победник од овие избори? Поразени сме сите. Тогаш има ли причина за славење?

Кој вели дека некој е гол и бос кога на секој чекор има колку сакаш фрлена, но сочувана облека од најразличен вид. Кој вели дека ги малтретираат децата, само како телевизиска вест и ништо повеќе. Луѓето се индеферентни, а да не зборуваме за државните институции полни со партиски и полуписмени кадри. Кој вели дека нема образование: со промена на власта ќе си добиеме нов концепт! Секоја власт го разбира „образованието“ како и се друго, како партиски активизам.

Кој вели дека нема архитектура? Секое „слободно“ место во градот е исполнето со згради, но без вредности на архитектура! Кој вели дека нема уметност кога на секој чекор има нова „крш“ редимејд уметност. Кој вели дека нема мајстори на занаетот кога има згради без направен покрив. Кој вели дека нема здравство кога за сериозни симптоми пациентот добива таблети за смирување: ако некој нема торбичка пари нека не оди во државно здравство. Подготви си го куферчето кон најблискиот пат кон Бога. Ако немаш добро да потплатиш за луѓето нема правда, најверојатно во сите државни институции (па не се добро платени, затоа граба кој стигне).

Правда, здравје, образование и се друго е „спорт“ за (ново)збогатени. Велат (со целиот ум) Тетово ќе го направиме европски град, па Куманово итн. Ни ветуваат фестивали, а не спомнуваат какви. Од уста им излегува и фантастична вест за економски, културен, уметнички раст, а трошиме без контрола на лесна забава, а животот не може да биде потежок. Заборавив: Добро, имаме библиотеки, но не се светски, но затоа добивме булевар на книги и тука некаде „монумент“ „Климент Охридски“ на улица. Друг повторува: сме немале менаџирање! Многу врева околу оставката nа член од Комисијата за историја. Очигледно е: треба добра метла, т.е. „ветинг“ на поединечниот, пред се партиски „заробен ум“!

Претходна вестПресечен меѓународен канал за шверц на наркотици
Следна вестГрадоначалникот Јакимовски го враќа редот во општината: Кој ви дозволи да ја копате улицата?