Посебно ми е драго што имаме нова Филхармонија и што се обнови театарот

За естрадната уметничка Верица Пандиловска, градот и граѓаните мора постојано да се менуваат ако сакаат да бидат дел од светот.

 Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?

-Кога помислувам на градот прва слика ми е старата автобуска станица (секој ден на почетокот од моето школување патував со автобус од Тетово до Скопје и назад, понекогаш поради обврските и по двапати на ден), Камениот Мост и Стара чаршија каде што го поминав детството, средношколските денови. МБУЦ “Илија Николовски Луј“ беше моето средно училиште кое се наоѓаше точно помеѓу стариот и новиот дел на градот. На големи одмори или додека чекав помеѓу часови времето со соучениците го поминувавме во Капан Ан, Мавровка или во старата турска чаршија.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?

-И двете. Во изминатите децении Скопје изгледаше многу поинаку, но во тоа време беше одлично за времето и начинот на кој што живеевме. Денеска сме многу поразвиени, поголеми како бројка, но и како инфраструктура, бизнис и економија. Живееме во согласност со времето кое тече и се менува, а со самото тоа мораме да се менуваме и ние за да бидеме дел од светот. 

Скопје и скопјани даваат и плаќаат, но дали институциите и градоначалниците доволно му даваат на градот?

-Верувам дека кој и да дојде да е градоначалник пред се ќе мисли за народот бидејќи е дел од него. Денеска живееме во општествено уредување кое се вика капитализам и е немилосрден. За жал многу од нас не можат тоа да го прифатат. Се уште се во социјализмот, чекаат некој друг да им даде, донесе, овозможи. Државата е тука за да има ред и мир, и да наплати даноци за се друго секој од нас мора сам да се грижи. Што побрзо секој од нас тоа го разбере, полесно ќе ни е .

Дали Вие доволно му дадовте на градот?

-Секој ден се трудам да бидам денес подобра од вчера и утре подобра од денес ! Во својот живот се потрудив да оставам личен печат преку својата работа. Суштината на живеењето е во тоа. Поентата е квалитетно да го живееме животот кој за сите нас е преизвик и да оставиме некаков печат, минат труд кој е една капка вода во океанот. 

Со што најмногу се гордеете во Скопје?

– Мулти културата и еклектичноста е она што го прави Скопје поинакво. Посебно ми е драго што имаме нова Филхармонија, што се обнови театарот, имаме и музеј на македонската борба. Нешто што неостасуваше додека јас бев дете и учев во средно музичко.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?

-Скопје никогаш не може да е преголемо. Факт е дека градот е проектиран после земјотресот за помал капацитет на жители, но се тече се се менува. Верувам дека надлежните ќе се потрудат да планираат и рамислуваат на темата. Сите светски метрополи растат, зошто нашата би се намалувала ? Сакаме да сме дел од светот па мора и така да се однесуваме.

Во какво Скопје сакате да живеете?

– Би сакал да живеам во Скопје во кое што лицата на луѓето ќе се со широка насмевка, надежен поглед во очите и енергија, воља за живот.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?

-За мене во градот недостасува самосвесност на населението пред се. А што се однесува инфрастурктурно, можеби трамвај, подземна железница која делумно би го решила проблемот со превоз, а воедно и загаденоста во воздухот која е актуелна овие години, евентуално и гасоводот кој би се испорачувал во домакинствата . Не би одземала ништо.