Поскапеле ли или не, по чиј аршин се мерат цените во Катастарот?

Конфузија во јавноста се создаде деновиве околу тоа дали имало значително поскапување на цените на катастарските услуги што ги дава Агенцијата за катастар на недвижности. Проблемот деновиве прво го актуелизира Комората на трговски друштва за геодетски работи при Сојузот на стопански комори која на прес-конференцијата објави дека некои услуги се поскапени за цели 100, 200, па и 500 отсто!? Оваа асоцијација која обединува 140 геодетски друштва побара итна ревизија на новите тарифници.

– Услугите за добивање одредени податоци се поскапени за 100, 200, па и за 500 отсто, на товар на геодетските друштва, нотарите, адвокатите и граѓаните кои користат катастарски услуги. Досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, а со зголемувањето износот ќе биде 1.552, односно за повеќе од 100 отсто. Најголемото зголемување е на цената за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари. Ова дотолку повеќе што условите налагаат дека овој податок речиси и да не се употребува, а мора да биде купен при изработка на секој елаборат. Ако досега просечно годишно едно геодетско друштво кон Агенцијата имало трошоци од 111.450 денари за 150 предмети, сега овој трошок е 232.000 денари, предупреди Никола Рибароски, претседател на Комората.

На оваа тема потоа се надоврза и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ која упати критика до власта за воведувањето на нови поскапи цени на услугите на Агенцијата за катастар и недвижности.

-Еве и неколку примери за поскапувањето: Ако досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552 денари, односно за повеќе од 100 отсто. Ако правото на упис на стан досега чинеше 300 денари, сега е 1200 денари, а ако имотен лист чинеше 180 денари, сега е 250 денари. Всушност, за запишување на стан има зголемување за преку 300 отсто, запишување на парцела има зголемување од 100 проценти, имотен лист зголемување за 40 отсто, а зголемување на поедини производи оди и до 500 проценти, укажа партиската портпаролка Марија Митева.

На ова вчер аодговори и владечаката партија СДСМ. Оттаму, пак, тврдат дека не се зголемуваат цените на Катастар, најмалку, пак, дека се зголемени за пет пати.

-Како што е и јавно објавено новиот тарифен модел, поединечните цени на податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем (ГКИС) и надоместокот за запишување во катастарот на недвижности не се енормно зголемени како што се дезинформира јавноста туку се на ниво на реално направени трошоци за нормално функционирање и одржување на електронските системи. Со тоа што се воведени и фиксни надоместоци за користење на дел од податоците од ГКИС, како и за запишување на правата на недвижностите. Овој надоместок во претходните тарифници изнесувал од 100 до 300 денари, а сега е пропишан единствен износ во висина од 250 денари кој е и единствен надоместок за одредени производи од ГКИС. Дополнително, за голем број документи цената е значително намалена, соопшти оваа партија.

Но, конфузијата, односно, прашањето дали одредени цени на услугите поскапеле 100, 200 па и 500 отсто, кај граѓаните останува бидејќи се соопштуваат контрадикторни податоци? А за една таква институција чии услуги користат голем број на граѓани, тоа е неприфатливо. Таа треба јавно да ги соопшти своите, претходни и сегашни, цени за да граѓаните знаат што е вистината.

Претходна вестОблачно со врнежи од дожд и снег на планините
Следна вестКазнети 154 возачи во Скопје, 18 биле пијани