Постапка против заменик министер кој за време на избори прераспределил 189 вработени

Постапка до надлежен орган против заменик министер за донесување на 189 решенија за распоредување на вработени за време на избори ќе иницира Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Претседателката на Комисијата Татјана Димитровска на денешната осма седница информира дека на 28.6.2024 година до ДКСК пристигнала претставка од познат подносител и во која се наведува дека 98 решенија се однесуваат за хоризонтално распоредување на вработените во Министерството, 68 решенија за унапредување кои имаат финансиски импликации врз буџетот на Министерството и 23 решенија за распоредување со кои што им се намалува платат на вработените.

Димитровска неодамна одговарајќи на пратеничко прашање соопшти дека оформиле предмет против претходниот заменик министер за внатрешни работи за прекршување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупција.

-На ден 31.5.2024 година, заменик министерот ја презема надлежноста за раководење со министерството, односно бил назначен за заменик министер се до избор на новата влада. На 23.6.2024 година, Собранието ја избира новата Влада на Република Северна Македонија. Во периодот од 31.5.2024 до денот на изборот на Владата 23.6.2024 година во Министерството од страна на заменик министерот донесени се вкупно 189 решенија, 98 решенија за хоризонтално распоредување, 68 за унапредување и 23 решенија за распоредување со кои на работниците им се намалува основната плата, рече Димитровска.

Таа објасни дека согласно член 34 став 1 алинеја 3 од Законот за спречување на судир на интереси, од денот на донесување на одлуката за распишување на избори до денот на завршување на изборот на претседател на Република Македонија се до завршување на изборите не може да се започне постапка за вработување на нови лица, постапки за престанок на работен однос освен во случај на итни и неодложни работи.

 

-Се констатира повреда на законските одредби и за констатираното прекршување на законските одредби ДКСК ќе постапи во рамките на своите законски надлежности, ќе донесе одлука од нејзина надлежност и ќе иницира постапка до надлежен орган, рече Димитровска.

Претходна вестПочна со реализација проектот „Малите алкалоидовци го истражуваат ‘Алкалоид’“
Следна вестПочина новинарот Петар Ѕалев