Поуката од страотната голгота на македонските Евреи

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

 Со ова мое писание сакам да им оддам почит на македонските Евреи кои пред 77 г. доживеаа страотна голгота. Да не се повтори, никогаш! Оваа трагедија не е само наша, таа е европска и светска, таа е општоцивилизациска и треба да биде поука и сегашна и идна, против агресивното владеење и неморал, мистифицирање и непочитување, уништување на сето она што значи човечки живот, судбина, честитост, оставнина!

Пред 77 г., бугарската фашистичка власт со претходна направена системска евиденција ја отпочна депортацијата на македонските Евреите од Скопје, Битола и Штип во Треблинка (тогаш Нацистичка Германија). Монополот во Скопје бил адаптиран како транзитен ­логор. По 11 дена живот, во лоши услови во складиштата на Тутунскиот комбинат на 22 март 1943 г. тргнала првата композиција кон нацистичкиот логор Треблинка. По него следуваа уште други два транспорти.

Во тие денови се депортирани околу 7.144 Евреи ­ мажи, жени и деца. Никој од нив не се вратил.

Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи од Битола, младата девојка Естреја Хаим Овадија – Мара (1923–1944), преминала во илегалност како борец во партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во  одредот „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ. Оваа исклучителна млада жена со еврејско потекло, родена во Битола, многу рано ја почувствувала сета мака на сиромаштијата, но не ѝ недостасувал борбен порив. При формирањето на Седмата македонска бригада била поставена за политички комесар на баталјон. Само четири дена потоа, во борба со бугарските воени сили, загинала на 26 август 1944 г. на Кајмакчелан (Битолско),  имала само 22 години. 

Потсетувајќи на оваа исклучителна млада жена, народен херој (1953), оддавам почит, но и укажувам, во стварноста, од ова наше „На дното“ да се издигнеме како свесни, разумни и чувствителни суштества, за да ја заслужиле вредноста на мислата: „Човек, колку тоа гордо звучи!“, онака Горкиевски!