Над половина од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.
Еднонеделен годишен одмор надвор од местото на живеење не можат да си дозволат 55 проценти од жителите на земјава. Полошо од нас во Европа стојат Албанија каде што 58,3 отсто од граѓаните не можат да одат на одмор, Турција (60,8 проценти), Романија (62,5 отсто), Црна Гора (67,2 проценти) и Косово (69,5 отсто).
Во Грција процентот на луѓе кои не можат да си дозволат годишен одмор е 48,8, во Бугарија 43,8, во Србија 43,6, Хрватска 41,7, а во Словенија 16,7.
Одмор подолг од една недела во текот на годината најмногу можат да си дозволат жителите на Луксембург каде што таква можност немаат само 7,6 отсто, во Норвешка (7,9 отсто), Швајцарија (8,4 проценти) и во Исланд (8,6 отсто).
На одмор не можат да одат и 21,9 отсто од Германците, 23,4 проценти од Британците, 25,4 отсто од Францусите и 36,6 проценти од Шпанците.