Повици за мирно и достоинствено чествување на Гоце Делчев, засилено полициско обезбедување

Повици за мирно и достоинствено утрешно чествување на Гоце Делчев се упатуваат и денеска напоредно со преземање на мерките за засилено обезбедување на комплексот „Свети Спас“ во Скопје за да се одбегнат потенцијални инциденти. Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека „сите треба да бидеме обединети и сите заедно да покажеме достојна почит на великанот на македонската револуционерна борба“ и дека „МВР и Владата тоа ќе го овозможат“.

– Апелирам сите оние здруженија, патриотски итн. коишто сакаат овој настан да го искористат за провокации, исто како што во минатиот период имавме провокации од поединци и од групи, само со цел да се нарушат односите и атмосферата во државата и односите со соседни држави, да се воздржат и да не користат вакви настани за да креираат несакани ефекти во нашето општество. Огромното мнозинство на нашите граѓани сака достоинствено и мирно чествување на роденденот на Гоце Делчев, и не смее и МВР нема да дозволи, поединци и вакви групи тоа да им го оневозможат на нашите граѓани, порача денеска Ковачевски.

Тој рече дека Владата не добила најава дека делегација од Бугарија ќе присуствува утре на одбележувањето 151 година од раѓањето на Гоце Делчев.

-Сите оние коишто се недобронамерни, коишто се провокатори, коишто го негираат македонскиот народ, коишто ја негираат македонската држава, коишто ги нарушуваат чувствата на Македонците и на другите граѓани тие нема да влезат во државата, рече Ковачевски.

И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски упати апел за смиерност до граѓаните.

-Како министер за внатрешни работи нема да дозволам понижување на македонскиот народ. Институциите работат и се прибираат информации кои значат дека ова очекување на граѓаните ќе биде реализирано. Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат. Нема да дозволиме никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого, потенцира Спасовски.

Околу гробот на Делчев во дворот на црквата „Свети Спас“ веќе се преземени бројни мерки на обезбедување. Видливо е присуството на засилени полициски сили. Околу местото кружат и полициски патроли, бидејќи утрешниот настан е проценет како настан од висок ризик. Затворањето на „Самоилова“ се протега на потегот од улицата “Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со улицата „Прохор Пчински“.

Пристапот до црквата Свети Спас ќе биде дополнително ограничен во текот на утрешниот ден. Пристап ќе имаат акредитирани новинари и лица кои ќе имаат дозвола, а настанот ќе се одвива по строг протокол. Заради подобар тек на настанот од МВР подготвуваат распоред на делегациите по кој ќе се одвива чествувањето, а во „Св.Спас“ ќе можат да влезат и да положат свеќе само тие што пријавиле однапред и максимум по тројца во делегациите. Тоа значи дека колку и да дојдат од Бугарија не ќе можат сите да влезат во црквата, туку ќе бидат пртетавени од трочлена делегација, а тие што не се најавени, нема да можат да го сторат тоа. Инаку, министерот Оливер Спасовски вчера повтори дека утре, на самата граница, ќе одлучат дали некому ќе му забранат влез во Македонија. За најавите дека ќе дојдат околу 150 лица од Бугарија рече дека разменуваат податоци со колегите од Софија.

Претходна вестОлимписки комитет: Да се сменат Наумче Мојсовски и комисиите, да се замрзне доделувањето на ваучерите…
Следна вестПронајдена кафана стара 5.000 години