Повредени 47 полицајци, приведени 11 демонстранти во синоќешните протести пред македонскиот парламент

Повредени се вкупно 47 полициски службеници, од кои 11 со потешки, а двајца со сериозни повреди, а приведени се 11 лица по синиќешниот протест пред македонскиот парламент. Колкумина демонстранти се повредени не е соопштено, но синоќа на социјалните мрежи се вртеа видеа каде се гледаше дека некои полицајци беа преагресивни.

На протестот против францускиот предлог кој започна во 19 часот пред Владата, а потоа продолжи пред МНР и македонското Собрание дојде до отворен судир меѓу дел од присутните граѓани и полицијата.

Пред зградата на Собранието од утринава е мирно. Објектот го обезбедува полицијата, а трагите од синиќешните протести најмногу се гледаат на искривените заштитни банкини.

МВР соопшти дека на сите повредени полициски службеници им е укажана лекарска помош, а потешко повредените се пренесени во медицинските установи за санирање на повредите и медицинска нега. Во информацијата се наведува дека се констатирани повеќе нарушувања на јавниот ред и мир од страна на демонстранти, кои фрлаа со камења, јајца, железни предмети, бекатон плочки, сообраќајни знаци, канти за ѓубре и пиротехнички средства, како кон објектите, така и кон полициските службеници. За време на вечерашниот протест оштетувања на прозорците и фасадите се пријавени во сите три објекти: Владата, МНР и Собранието.

-Покрај ова, демонстрантите скршиле 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и радио-врски, а оштетена е полициска куќарка пред Собранието и едно полициско возило. Во врска со немирите кои ескалираа пред објектот на Собранието, од страна на полициските службеници приведени се 11 лица, а за време на протестите од страна на полицијата не беа употребени ни пиротехнички, ниту хемиски средства за разбивање на толпата, се наведува во информацијата.

МВР презема мерки за расчистување на случајот и апелира до организаторите на протестите и до граѓаните да покажат демократски капацитет, протестите да бидат мирни и демократски, да ги сочуваме редот, мирот и безбедноста.

Претходна вестТензии пред Собранието, демонстранти ја урнаа оградата – полицијата ги потисна
Следна вестВо Собранието прва средба на работните групи за заклучоците за почеток на преговори со ЕУ