Повторни дојави за бомби, евакуации во дел од училиштата во Скопје, Битола и Тетово

Евакуации на ученици и на наставниот персонал се извршени утринава во дел од училиштата во Скопје, Битола и Тетово поради добиени дојави за поставени експлозивни направи. МВР соопшти дека досега е пријавено дека заканите се упатени на електронските адреси на десет училишта во овие градови.

-Во секторите за внатрешни работи во Скопје, Битола и Тетово досега е пријавено дека на електронските адреси на едно училиште во Битола, две во Тетово и седум училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа, информираат утринава од Министерството за внатрешни работи.

Се дознава дека дел од училиштата во Скопје се „Орце Николов“ и „Никола Карев“, а во Битола станува збор за основните училишта „Стив Наумов” и „Тодор Ангелевски”. Во Тетово пораките стасале во основните училишта „Лирија“ и „Кирил и Методиј“.

Околу пладне, евакуирани биле и три основни училишта во Прилеп – „Блаже Конески“, „Гоце Делчев“ и „Добре Јованоски“.

Веднаш по дојавите на местото дојдоа екипи на МВР кои вршат пребарување на просториите на училиштата.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека истрагата покажува одредени промени во употребата на мејловите.

-Според тоа што ме информираа од одделот за сајбер криминал во однос на дојавите тие ќе ги анализираат во текот на денот бидејќи употребата на мејловите е малку поинаква од претходно. Истрагата за Делчево е во завршна фаза се очекува деновиве да биде поднесена кривична пријава, на добар пат сме да разрешиме уште една дојава. Факт е дека ова не сајбер криминал, туку хибридни напади се во државата од икс аспекти анализите покажуваат дека се можни три нивоа за причини, првото е геостратешки интереси, потоа политички и трето авантуристички оние кои ги видовме ученици малолетници, рече Спасовски

Претходна вестПриведени командир, заменик и осум полицајци на Табановце, тие тврдат дека парите им биле подметнати
Следна вестДУИ многу зборува против корупцијата, а работи ли барем малку против неа?