Повторно кавги во Советот на Скопје: Арсовска и Славески во нова караница

Нови караници и расправии се случуваа на денешната седница на Советот на Град Скопје меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и претседателот Трајко Славески, како и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Расправиите кулминираа така што Славески во еден момент и го исклучи микрофонот на Арсовска по што ја прекина седницата и даде пауза.

Караницата настана на дискусијата по точката за планот за вработување за 2023 во ЈП „Водовод и канализација“. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ од говорницата ја прашуваа Арсовска како тоа сега во планот за вработување за наредната година планира 120 вработувања, а велеше дека има превработеност и пред неколку дена отпушти 100 лица од претпријатието.

-Имајќи предвид дека директорот на ЈП „Водовод“ по негово стапување на функција ги раскина договорите на преку 100 лица, сметам дека ваквата одлука како советници не треба да поддржиме за да не го оттовариме со товар да се стави во искушение д авработи некого во 2023 година, рече советникот Малиша Станковиќ.

Арсовска рече дека советниците не треба да ја блокираат работата на ЈП “Водовод и канализација” и дека треба да го постават прашањето како поранешниот директор Перински вработил 120 луѓе за два месеци без јавен оглас.

– Многу е чудно како никој од вас не праша како успеал овој вашиов директор на јавно претпријатие успеал да вработи над 120 луѓе за два месеци, а сега на овој новиов којшто притоа исто така можеби е ваш поддржувач, прејдуицирате дека во иднина ќе направи нешто и затоа не поддржувате работа на јавно претпријатие и на тоа што е негова програма. Немојте да лажате. Секаде каде стигнете јавно истакнувате навреди. Не сме на дебата тука, кога ќе бидеме ќе разговараме. Бега од дебата шпицниот градоначалник, се крие Христијан Мицкоски, имаше можност да се појави на пет дебати, но се крие, се плаши, рече Арсовска.

Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ и порача на Арсовска дека треба да се моли пред сликата на Христијан Мицкоски.

-Пред да ставате такви изрази во уста, размислете кој ве направил градоначалник, кој ви ја поддржал кандидатурата, без која немаше да бидете ни директор на Стопански комори, рече овој советник.

По ова реагираше Трајко Славески ја прекина со објаснување дека Арсовска не смее да споменува имиња на лица кои не се присутни на седницата. Тој се обиде да ги претстави изјавите на Арсовска кон поранешните коалициони партнери од ВМРО-ДПМНЕ како несоодветни и неточни и дури тврди дека го проверувал и списокот на пчеларите од Скопје.

-Бидејќи и на минатата седница и сега се користи синтагмата „рачиња во медот“ јас лично проверив и утврдив дека се уште е сезона на собирање на медот. Проверив и утврдив дека поранешниот директор на „Водовод“ Перински не е пчелар. Минатата и оваа седница слушаме странски зборови кои јас не ги разбирам. Тука има превод од македонски на албански јазик и обратно. Се користат германизми, имаше србизми, фрази „смањите доживљај“. Ве молам да се придржуваме до деловникот за работа, Статутот на град Скопје, законите за тоа кои јазици може да се користат во град Скопје, рече Славески

По ова, Арсовска од говорницата го нарече „господине Талат Славески“, по што тој ѝ го исклучи микрофонот велејќи дека го навредила и ѝ го одзема зборот. На ова Арсовска одговори дека нема право да ѝ одзема збор, по што Славески ја прекина седницата и даде половина час пауза.

Претходна вестАнкета:  ВМРО-ДПМНЕ со рејтинг од 19 отсто, СДСМ со 9 проценти
Следна вестПриведена кавадарчанка, со нож го убила партнерот па го запалила телото