Пожар во ТЕЦ Осломеј, електраната е исклучена

Термоелектраната Осломеј доцна синоќа е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што довело до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел, соопшти ЕСМ.

Се наведува дека настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за постапување.

„Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј“, велат од ЕСМ.

Застојот нема да предизвика недостаток на електрична енергија во системот, односно конзумот ќе биде задоволен преку другите производни капацитети.

Претходна вестСончево и потопло време со температура до 17 степени
Следна вестФИФА: Немаше местенки на Светското првенство во Катар