За среќа, пожарот се движи ниско по земјата, и очекуваме во текот на денот да имаме целосна контрола врз пожарот, најдоцна до утре, изјави денеска за МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој денеска присуствуваше на опожареното место.
-Пожарот се појави во текот на попладневните часови вчера, а се разгори во доцните попладневните часови. Зазема голема површина и се закануваше да прерасне во исклучително опасен пожар. Првична проценка е дека се зафатени повеќе од 50 хектари деградирана букова и дабова шума, дел од шумата која што е зафатена е од претходно исечена има доста расфрлени гранки, потенцираше Ангелов.
Според него, проблемот е што на некои места огнот се распалува.
-Тогаш повторно доаѓа до негово ширење, но сметам дека ќе воспоставиме во текот на денот целосна контрола. За гаснење ќе ни треба сигурно најмалку уште еден ден. Повторувам високите температури прават дополнителни проблеми, рече Ангелов.
Тој претходно информираше дека на терен се десет пожарникари на ТППЕ Берово и 30 припадници на Национални шуми од подружницата на Берово. Во гаснењето на пожарот од 05:00 часот утрово интервенираше и полициски хеликоптер.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека и Ер тракторот полета за гасење на пожарот во беровско.
-По појавата на пожар на месноста помеѓу селата Митрашинци и Будинарци во Беровско во која е зафатена голема површина со дабова и нискостеблеста шума Дирекцијата за заштита и спасување се активира со 5 тима за гасење на пожари со вкупно 36 лица и 8 возила, велат од ДЗС.
На оваа локација од 05:00 часот утрово интервенираше полициски хеликоптер како и екипи од ШС Малешево и ТППЕ Берово.
Преходно, ЦУК соопшти дека на местото викано Каменица во атарот на с.Будинарци горела нискостеблеста дабова шума.
-Пожарот во атарот на с.Разловци, м.в.Ќурчински колиби, на планината Средна, каде гори сува трева и дабова шума е ставен под контрола и нема опасност од негово проширување. Опожарени се околу 50 хектари, а на терен е екипа на ШС Голак, информира ЦУК.
Веста дека пожарот кој беснее над беровското село Митрашинци се става под контрола претходно објави и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.
– Од утрово рано од 5 часот заедно со хеликоптер на МВР, Противпожарната територијална единица, припадници на ЈП „Македонски шуми“ – подружница Берово и голем број доброволци на терен се става пожарот над селото Митрашинци во контрола. Ситуацијата е комплицирана но од првичните информации од пожарникарите на терен кои се во комуникација со пилотите на МВР се успева да се спречи проширувањето на огнот кон боровата шума. Очигледно е дека системот функционира ефикасно и со посветеноста на сите вклучени луѓе ќе успееме да го локализираме пожарот, објави градоначалникот.
Фото: ФБ на Звонко Пекевски