Пожарот во кој изгоре возило во Ново Лисиче не бил подметнат

Истрагата на МВР за инцидентот, во кој автомобил целосно изгоре во Ново Лисиче, покажала дека се работи за несреќен случај, односно дека никој не го запалил намерно. Од снимки од безбедносна камера во околината на паркингот, се гледало дека најпрво почнала да гори внатрешноста на возилото, а откако сопственикот се обидел да го изгасне пожарот и ја отворил вратата, пожарот се проширил и на околните возила. По насоки на Јавен обвинител настанот е расчистен и квалификуван како „пожар“.

-Од преземените мерки и активности со цел откривање на причините за пожарот, од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, преку извршени разговори и преглед на записи од безбедносна камера, констатирано е дека околу 9:20 часот, внатрешноста на возилото ‘Сеат алтеа’ се самозапалува, при што огнот почнува да се шири, а по кусо време, сопственикот на возилото се обидува да го изгасне, но при отворање на една од вратите, пламенот многу брзо се шири и ја зафаќа внатрешноста на возилото и другите две возила, објаснуваат од МВР.

Инаку, пожарот се случи пред четири дена, во близина на последната автобуска станица на 5-ка, на булеварот АСНОМ.

Претходна вестЧаир, Аеродром, Карпош и Гази Баба со најмногу заразени од вирусот во Скопје
Следна вестВо градинките предност ќе имаат децата чии родители не ќе можат да работат од дома, мајките во паника