Прашања до Министерството за образование и Бирото за развој – не се за хетеросексуалноста

Образовниот систем во Македонија е во тотален хаос. Веќе и не наликува – делува како систем.

Скоро секој ден нешто ново ја шокира јавноста, а е поврзано со училиштата и учениците. Таман кога ќе помислиш дека надлежните го допреле дното, еве ти нов шок.

Овој последниов по откривањето на скандалозните прашања за средношколците за хетеросексуалноста во работните листови по предметот Образование за животни вештини – не стивнува. А главното прашање прегледува ли некој во министерството што им се сервира на учениците? Кој одобри да може на средношколците да им се постават вакви прашања: „Дали е можно вашата хетеросексуалност да е само фаза којашто ќе ја надминете?“, „Дали е можно вашата хетеросексуалност да потекнува од страв од истиот пол?“, „Ако хетеросексуалноста е нормална, тогаш зошто толку многу хетеросексуалци се лица со ментални нарушувања?“…

Па нели македонските граѓани плаќаат многу скапи институции и тела и комисии и… кои требало да прегледаат што се внесува во учебниците и програмите?

Такви институции и луѓе (кои работат во нив) воопшто не се малку на број во Министерството за образование, во Бирото за развојот на образованието, во Национална комисија за учебници…, а не се малкубројни ниту авторите, ниту рецензентите… Сите се дебело платени.

Но, скандалозните грешки (или неосмислени намери) постојано се појавуваат. Околу скандалозните прашања на виделина сега излегуваат и сите детали. Тие биле вградени во работните листови уште во 2011 година и ги поминале сите филтри на одобрување. Прашањата биле пренесени од „Хетеросексуалниот прирачник“ објавен уште во 1972 година од авторот Мајлк Рошлин, а со кој тој сакал преку пародија да ги долови сите предрасуди и стереотипи за хомосексуалците. Но, наместо прашањата барем да бидат проследени со вакво објаснување во македонскиот прирачници се пренесуваат само голите прашања поради што се добива друг контекст што впрочем предизвикува скандалот во јавноста.

Зошто тоа се случило, зошто таквото голо пренесување на прашањата било одобрено – спречено, вчера немаше објаснување. Наместо тоа, по реакциите во јавноста следеше итно прекинување на линкот на интернет кон припрачникот, следеше најава дека ќе има ревизија на наставните програми за средношколци поврзани со здраво живеење и сексуално здравје. И толку.

Ништо за утврдување на околностите под кои се појавила спорната содржина, како авторите ја напишале, како рецензентите ја одобриле, како ја одобриле Бирото за развојот на образованието, Националната комисија за учебниците…

Ова значи дека пак ќе нема утврдување на одговорноста за појавениот пропуст? Како и за немањето учебници, како и за…

Инаку, на пример Бирото за развој на образованието навело на својата веб-страница дека ова му е мисијата и визијата:

-Бирото за развој на образованието се залага за унапредување и усовршување на наставата и учењето преку развивање нови наставни планови и програми, развојни истражувања, советувања и обука на воспитно-образовниот кадар и вреднување на постигањата на учениците, публикување на прирачници, списанија и други дидактички материјали за поддршка на наставата со цел да се подобрува предучилишното, основното и гимназиското образование, образованието на децата со посебни образовни потреби, возрасните, како и за децата на граѓаните на Република Македонија во странство за учење на мајчиниот јазик и култура. Визијата на Бирото за развој на образованието е квалитетно образование и воспитание на младите генерации и нивно вклучување во севкупниот развој на македонското општество, напишале од Бирото.

Епа во визијата на Бирото спаѓа ли и често да има грешки, неправилности, пропусти…?

Што според Бирото е развој на образованието?

Колку десетици и десетици луѓе се вработени таму и кој од нив не си ја завршил работата? 

За ресорното министерство ич муабет да не отвораме. Очигледно е дека таму мора да има многу промени.

Зошто нема оставки, зошто не е сменет некој директор?

Дали на образованието и на државата и се потребни многуте вакви гломазни институции, тела, бироа, комисии…?

Нели е време да се размислува за други модели и начини за креирање на наставни планови и програми и за издавање на учебниците?

 

 

Претходна вестОрбан: Време е за промени во ЕУ, граѓаните сакаат можност за семејство и одгледување деца, а не ЛГБТ прашања
Следна вестОбјавен оглас за прием на 150 професионални војници