Владата деновиве решително го поддржуваше францускиот предлог со најави дека ќе го прифати, ама сега и решително реши за негово прифаќање решение да донесат парламентарците, а не министрите сосе премиерот. Предлогот е жежок костен кој го дадоа на повеќе раце да го „носат“.
И така предлог-преговарачката рамка за Македонија со ЕУ со која се предвидува давање на „датум“ на нашата држава, а всушност и се дава на Бугарија многу датуми на кои ќе може да и наредува на Македонија сега е пред пратениците. Тие треба да му ја мислат.
Што е најважното на што народните избраници треба да мислат пред да донесат став кој ќе се рефлектира на иднината на целата држава?
Како прво, да мислат сериозно и трезвено – дали со прифаќање на ваков предлог се отвора можноста за целосно губење на македонската самостојност и право за самоопределување.
Како второ, да мислат на тоа дека убедливо мнозинство на етничките Македонци не го прифаќа почеток на преговори со ЕУ доколку услов за тоа е прифаќање на францускиот предлог. Дури 72.8 отсто од етничките Македонци опфатени со анкета одговориле –НЕ за предлогот.
Има и трето и четврто и петто за сериозно размислење, ама ове две работи се доволни за почеток.
Пратениците се на потег. Особено оние од владеачкото мнозинство. Ќе бидат ли гласачка машина на Владата или ќе мислат? Има ли загриженост во пратеничката група на владеачката СДСМ од францускиот предлог? Нема ли таму пратеници што мислат – стравуваат слично како мнозинството од граѓаните на Македонија?
Од оние 72,8 отсто од Македонците кои кажаа НЕ сигурно има и нивни гласачи, па и роднини, пријатели… Ќе го послушаат нивниот став или…?