Правилникот за парно греење треба да се смени како што се сменија и климатските услови

Студот не познава непрецизни регулативи. А сега е време тоа да се прецизира.

Ладни станови во кои е тешко да се помине цел ден доколку се нема некој дополнителен начин на загревање во изминативе неколку недели беше реалност за многу скопјани. Најмногу за оние кои се приклучени на системот за парно греење чија грејна сезона годинава заврши петнаесетина дена по официјалниот термин на 15-ти април. Причината за двонеделното продолжување беше токму ладното време. Но, бидејќи Правилникот со кој се регулира и периодот на обврската на БЕГ да ги грее скопјани предвидува грејната сезона да не може да трае подолго од 30-ти април, затопулувањето се запре. А утринското ладно време продолжи и понатаму предизвикувајќи проблеми посебно за семејствата со мали деца, но и за старите луѓе. Многумина граѓани мораа да побараат греалки, клима-уреди, панели… што на крајот сигурно ќе им ги зголеми сметките за потрошената електрична енергија. Оние пак кои не можеа тоа да си дозволат се облекуваа потопло…

Ваквата состојба, која, сигурно, нема да се случува само годинава туку може да се очекува и во следните години го отвори прашањето до кога, всушност, треба да трае грејната сезона. Дали таа да биде ограничена на петмесечниот период од 15-ти октомври до 15-ти април (со можност за продолжување до 30-ти април) или воопшто не треба да се ограничува?

-Времето си покажа заби годинава. Тоа е уште едне доказ дека грејната сезона не смее да се прекинува. Таа треба да трае и по истекот на определениот термин. Еднаш бев во Софија во месец мај кога имаше еден студен бран и тогаш веднаш беше активирано парното греење. Зошто така да не биде и кај нас, смета Жарко Бишевац.

Аспарух Ралевски од Н. Лисиче, кој беше еден од учесниците во спорот на граѓаните исклучени од системот за парно грење со БЕГ, смета дека ваквата промена е нужна.

-Живееме во времето на се поголеми климатски промени. Видовме дека веќе не е изненадување да заврне и снег во мај. Мора да се мисли за граѓаните, не можете да ги оставите без греење во таков период само заради тоа што некој предвидел грејната сезона да трае од 15-ти октомври до 15-ти април. Таа вооопшто не треба да биде ограничена со некои датуми туку системот за греење треба да биде во функција сегогаш кога надворешните температури го бараат тоа, потенцира Ралевски.

Овој граѓанин ова го аргументира и со фактот што топловодниот систем наназад четири години е под притисок. Односно, не се празни како порано. Тоа значи дека може и брзо да се активира.

-Значи, само треба да се смени Правилникот, а за тоа е надлежна Регулаторна комисија за енергетика. Едноставно, не треба да се прецизира кога ќе почнува или кога завршува грејната сезона туку да се предвиди дека таа трае 12 месеци, објаснува тој.

За тоа е потребна само административна одлука и сега има доволно време за тоа. На крајот на краиштата, граѓаните сета испорачана топлина пак ќе си ја платат.

Може да се користи топлата вода од ТЕ-ТО
Според сознанијата, активирањето на системот за парно греење воопшто не бара големи трошоци. Имено, топланата ТЕ-ТО и во овој период произведува електрична енергија, што резултира со големи количества на топла вода. Таа, значи, може лесно да се искористи за системот за парно греење во студените денови.