Пред 6 години ветија Студентски град, сега ветуваат само интервенции каде е најпроблематично

Треба ли да се повтори какви мизерни услови има во голем дел од студентските домови во Скопје? Студентите опоменуваат, се жалат… немаат топла вода, нема пристојни тоалети, лоша е инсталацијата… и така со години.

И на тоа, вчера, откако имаше протести на студентите од владата рекоа: „Ќе разгледаме каде можеме најитно да интервенираме за најпроблематичните состојби…“.

Ова е најновото ветување кое синоќа на студентите им го даде актуелниот министер за образование Јетон Шаќири за подобрување на условите во студентските домови. А тоа, покрај она за студентски оброк, беше едно од важните барања за вкупното подобрување на студентскиот стандард.

-Образложив и дека од Германската банка за развојни политики имаме веќе добиени проекти во вредност од 24 милиони денари и одредени студентски домови се во одредени фази. Во периодот на разговори со студентите ќе видиме што може да се изменаџира со новиот буџет, рече Шаќири.

Кога точно ќе почнат да се реализираат тие проекти, министерот не кажа. Инаку, уште летово беше најавено дека кон крајот на јули или почетокот на август Министерство за образование ќе распише тендер за избор на фирма која ќе ги реконструира студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, ама…

Но, прашање е што со овие околу 400.000 евра може да се подобри во оние студентски домови каде состојбата е најлоша. Ова посебно важи за студентскиот дом „Стив Наумов“ во скопска Автокоманда каде секоја учебна година се сместуваат стотици студнети. Неколку празни и дотраени згради, подразрушени тоалети, лоша инсталација… е слика која со години ги пречекува студентите. Тие никако да се реновираат за да бидат достоинствено место за студентски живеење. Во овој комплекс малку се подобро условите во павиљоните на ридот, но јасно е дека во овој дом мора да има темелно реконструирање. Исто како што треба да се реконструира и студентскиот дом „Кузман Јосифивски – Питу“ во центарот на градот. Тоа го бараат и студентите кои синоќа протестираа собрани од иницијативата „Студентски отпор“.

-Бараме издвојување средства за реновирање и обезбедување на нормални услови за престој во студентските домови, долгорочен план за формирање на „студентски градови” и стоп за најавената приватизација на студентските домови…, се наведува во нивните ставови.

За ветувања за нов студетски град имаше во изминиативе години и избори. Владеачката партија СДСМ уште на изборите во 2016 година ветуваше такво нешто.

-Кај студентските домови „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“ ќе изградиме студентски град. Со комплетно нови модерни архитектонски решенија, како и функционални содржини: спортски сали, читални, библиотеки, ресторани, кино-сали и фитнес-центри, велеше поранешниот лидер и премиер Зоран Заев пред тогашните парламентарни избори.

Но, од тоа не е направено ништо. Сега само најавија „интервенции таму каде што е најпроблематична состојба“. 

И така, во меѓувреме голем број од младината во Македонија заминува надвор од земјата, а Владата и за ова ветува дека ќе го сопре и дека има план како да го направи тоа.

Претходна вест54 медали за Македонија во традиционално карате на ИТКФ Светскиот шампионат
Следна вестБез вода неколку улици во Бардовци