Пред 79 години, на денешен ден почнала реализацијата на вековните стремежи на македонскиот народ за сопствена држава

На денешен ден 1944 година, иницијативниот одбор на Антифашистичкото собрание за народното ослободување на Македонија – АСНОМ на чело со Методија Андонов Ченто, упатил писмо до Народно ослободителните одбори – НО во Македоинија, во кое ја навеле одлуката од второто заседание на Антифашистичкото собрание за народно ослободување на Југославија – АВНОЈ, во која се соопштува дека Македонија е признаена за рамноправна федерална единица.

Меѓу другото во писмото било наведено дека ќе биде извршена постапка за избор на општински, околиски и окружни одбори на територијата на Македонија. Воедно била објаснета и постапката за одбирање на делегати кои ќе присуствуваат на првото заседание на АСНОМ.

4 месеци подоцна на 2 август 1944 година се одржало и првото заседание на АСНОМ на каде почнува реализацијата на вековните стремежи на Македонската нација.

– Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински” и на овој историски и свет ден Илинден, кога објавувам дека е отворено Првото антифашистичко собрание, со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава…, со овие зборови најстариот делегат, велешкиот учител и илинденец, Панко Брашнаров го отворил Првото заседание АСНОМ 2 август 1944 година, во манастирот „Св.Прохор Пчински“.

На ова заседание, како резултат на учеството на македонскиот народ во Втората светска војна и во НО борба против фашизмот, се крунисало основањето на македонската држава, како рамноправна федерална единица во состав на новоформираната Демократска Федеративна Југославија. Ова бил еден од чекорите кои воделе кон остварување на вековните стремежи на македонскиот народ за национална слобода и за создавање сопствена држава. Делегатите на првото заседание на АСНОМ, избрани од сите краеви на Македонија, од сите социјални слоеви и вери и националности, усвоиле девет историски одлуки, а четири од нив биле со државотворно значење за Македонија. Меѓу нив била и одлуката македонскиот јазик да стане службен јазик на македонската држава, а Македонците да ги добијат своите права за кои се бореле.

Денес, децении подоцна, Македонија е слободна држава, но треба и понатаму да се бори да го сочува тоа.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Владата си поигрува со болните, демек нема пари за лекови, а прокоцка околу 40 милиона евра
Следна вестВладата ќе купи нови лопати со панделки за поставување камен-темелници?