Предлогот на Макрон ја обедини јавноста, го видоа тоа заедништво Ковачевски и Мицкоски?

Македонија пак го испушти „датумот“. Овој пат францускиот претседател Макрон сакаше да ни го даде. Е, да де, со мало одложување додека не го направиме партал Уставот ама се гледа дека мислел на нас, што би рекол тој – „Северномакедонците“.

Арно ама Македонците не го прифатија тоа. Во голем број – скоро едногласно (само неколку велеексперти и новинари го засакаа францускиот предлог) се обединија како ретко до сега и бурно реагираа дека Макрон всушност дава датуми на Бугарија на кои од Софија ќе наредуваат на Скопје што треба да прави. Тоа здружување и покажување дека и Македонија има свои црвени линии – дава надежи дека македонството ќе се одбрани од оние кои сакаат да го згазат. 

Што после ова може да се очекува од ЕУ? Нови уцени, нови закани, нови ултиматуми или ќе си припомнат на сопствените лекции за демократија, правичност…?

Што после ова и во Македонија? Понатамошни расправии на власта и опозицијата или здружување како што направи народот по прашањето на црвените линии?

Деновиве воопшто не беше важно кој граѓанин на која политичка страна припаѓа и какви симпатии има кога се работи за одбраната на сопствениот идентитет, јазик, правото на самостојно постоење. За тоа се доби и поддршка и од граѓаните кои припаѓаат на други народи, а не само на македонскиот.

Сето тоа доволно зборува за потребата лидерите на најголемите партии во земјава од власта и од опозицијата – Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски – што побрзо да се сретнат за да се договорат како заеднички да се тера понатаму околу иднината на Македонија и наметнатите притисоци од Софија и Брисел.
Ситуацијата е таква што доколку утре Мицкоски биде во улога на Ковачевски искушението, уцените и ултиматумите од Софија и од Брисел ќе бидат исти. А на нив треба да се даде единствен одговор кој најдобро ќе се разбере во центрите во коишто се формулираат предлозите за решавање на овој проблем. Искуствата, патем, покажуваат дека новите предлози што ќе се сервираат од Брисел стануваат уште полоши ако на време не са даде заеднички одговор од Македонија.

 

Претходна вестЗарем Османи и Маричиќ нема сами да си заминат од министерствата?
Следна вестССМ стави столче и пред Министерството за финансии, штрајкот продолжува