Три лица се повредени во сообраќајна незгода што се случила ноќеска пред полноќ на булеварот „АСНОМ“ во скопската општина Аеродром помеѓу автобус на ЈСП Скопје и автомобил. До незгодата дошло на крстосницата на која има светлосна сигнализација и каде е влезот за хотелот Дабл Три Хилтон и за сервисната улица со паркинг. По овој булевар оди линијата број „3“ на ЈСП “Скопје’.
Од СВР Скопје за МИА потврдија дека се повредени три лица. Со тешки телесни повреди се здобила сопатничка во возилото, а со телесни повреди двајцата возачи.
Како што појаснуваат, ноќеска во 23.50 часот било пријавено дека во Скопје, на крстосница од бул.„АСНОМ“ со сервисна улица се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.Ј.(29) од Скопје, и автобус на ЈСП, управуван од С.Б.(33) од Скопје.
-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила сопатничката од патничкото возило С.М.(33) од Кочани, а со телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, изјавија од СВР Скопје.
На крстосницата кај што се случи сообраќајката и изутринава имаше остатоци од оштетените возила, а сообраќајот се одвиваше по една лента.
Според очевидци, во автобусот на ЈСП немало патници.