Предвремената кампања им ја „пукна“ главата на граѓаните

Иако до изборите има скоро три месеци

Македонија е под опсада од политичка пропаганда. Објава на афери, обвинувања и контраобвинувања, партиски собири, жестоки обраќања на лидери и на други партиски функционери… Едните форсираат „Обновата пред вашиот дом“, другите се на „На прав пат“, третите веќе смислуваат изборни пароли… Земјата длабоко е влезена во изборен филм. А всушност, така е веќе со месеци – всушност од октомври кога власта доживеа дебакл во Брисел и кога не се определи датум за преговори со ЕУ. Битката меѓу партиите од власта и од опозицијата се разгоре уште тогаш и по што премиерот беше принуден да распише предвремени парламентарни избори кои потоа беа договорени за 12-ти април.

Но, распишувањето не значеше и стивнување на меѓупартиската битка туку почеток на изборната кампања која сега е веќе на големо забрефтана иако до изборите има уште три месеци. Зарем не гладаат дека претеруваат?

-Кај нас кампањата партиите ја водат нон-стоп, се работи обратнопропорционално. Ова е веќе премногу. Станавме во сите сегменти “дно дна“. Мене веќе не ме интересираат ниту кампањи ниту гласање бидејќи штом ќе отворат уста знаеш дека ќе излажат. Тие водата само ја навраќаат во својот двор, а државата нека гори. Најтрагично е што и младината ја заразија со политиката и што од децата направија полтрони неработници кои чекаат само на партиски вработувања, револтиран е Ѓоко Младеновски.

Очигледна е намерата на најголемите партии да ги мобилизираат своите членови и симпатизери но и на своја страна да ги привлечат се уште неопределените гласачи. Заради тоа се пука со сите политички орудија врз ривалите. Такви судири сега се гледаат и во редовите на техничката влада во која влегоа и претставници на опозицијата. Се редат обвинувања и одговори, а во реалноста се гледа дека Владата и министерствата се повеќе се парализираат. Односно, не работат на непосредните проблеми на граѓаните.

-Функционирањето на државата е нарушено одамна. Фактот дека не се почитува ниту еден закон, или секој го толкува како сака, во комплетно нарушениот правен систем кажува дека не сум изненадена од поведената кампања на партиите. Би била изненадена како граѓанин и како правник, доколку законите ги почитуваа, ни вели граѓанката Анита Стојановска.

Од она што таа и другите граѓани го забележуваат произлегува дека тие и не ја следат веќе започнатата кампања. Тие сакаат работа од институциите за доброто на земјата.

Граѓанинот Пецо Мирчовски, пак, се загала кампањите да траат повеќе, но за тоа има и причина.

-Кампањата за изборите треба да трае подолго време. На тој начин, преку печатените и електронските медиуми, да им се објасни на граѓаните што се ветува, што се сработило и што ги излажале партиските избраници, потенцира тој.

Сепак, цело време да се боботи само за тоа колку некој е добар, а другиот лош, цело време со месеци на телевизија да се тера кампања… тоа не е на арно за Македонија.

 Почнаа притисоците да се оди на митинг

-На работа веќе имав притисок да одам на нивни митинзи. Немам намера да го сторам тоа иако морав да ги лажам дека сум бил. Знам дека следниот пат ќе бараат и фотографија или слично за да им докажам. Ужасно, но нема веќе да им полнам митинзи, ни прокоментира скопјанец кој работи во администрацијата.